еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

(Видео+галерија) ЕКСКЛУЗИВНО: еМагазин на ЕКО Акрополис рели во Грција, едно од најстарите во светот

Од Атина за еМагазин, Петре Димитров

Освен одлична можност за туристичка промоција на државата, автомобилските трки, кои последниве години привлекуваат се поголема публика, се и добра шанса за заработувачка.

Пластичен пример за тоа е ЕКО Акрополис Рели во Грција, кое годинава се одржа од 8 до 11 септември во Централна Грција, а еМагазин имаше ексклузивна прилика да го следи.

Релито е едно од најстарите во светот. Првпат се одржа во 1953 година и е основач на Светскиот рели шампионат на ФИА во 1973 година.

Во 1970-тите редовно содржеше повеќе од 50 етапи и 850 натпреварувачки километри.

Освен 1974 година, кога беше откажана поради нафтена криза, и 1995 година, кога беше само дволитарски куп на ФИА, остана во серијата до 2010 година.

Се врати во 2011 година, но беше исфрлено од WRC на крајот од 2013 година, по што стана коло на Европско првенство.

Низ годините учесниците, но и нивните фанови од цел свет ја возеа Грција на различни локации до доцните 80-ти, како што се попознатите Каламбака и Метеора, имаше рути во близина на планината Олимп, Атика, Централна Грција, на југ во Пелопонез.

Годинава се возеше на 16 рути од кои три беа целосно нови. Дел од рутите важат за едни од најтешките за возење во светот на рели натпреварувањата, а љубителите на автомобилските трки имаа можност да уживаат во врвното натпреварување помеѓу најдобрите светски рели имиња.

Втора година по ред ЕКО Акрополис Рели е дел од годишниот календар на ФИА Светското првенство во рели, кое е највисокото интернационално натпреварување во оваа автомобилска дисциплина.

Спонзорството клучно

Кога државата ќе даде подршка на одреден спорт, расте и бројот на заинтересирани спонзори, без кои многу тешко може да се организира спортски настан од ваков тип, вели Панос Константинос, професионален возач, кој возел на 100 рели трки низ целиот свет, а на Акрополис рели возел шест пати.

Ја имав големата чест, токму Константинос да ме вози до дел од рутите на овогодинешново издане на релито (но и да поминам дел од претходна рута), па имав можност од прва рака да слушнам многу за автомобилските трки.

Главен спонзор на ова историско рели е ЕКО Грција, подружница на групацијата Хеленик Петролеум, на која припаѓа и компанијата ОКТА АД Скопје.

ЕКО има долгогодишната соработка со Акрополис Рели која трае повеќе од 10 години, а годинава ЕКО беше и главен спонзор на ЕКО супер специјалната рута која се одржа на Олимпискиот стадион „Спиридон Луис“ во Атина, на која присуствуваа околу 70.000 посетители, кои направија одлична атмосфера.

Во 2005 година, Акрополис рели беше прогласено за рели на годината по исклучително успешната супер специјална етапа токму на Олимпискиот стадион.

Стадионот изграден за Олимпијадата во 2004 година, беше домаќин на Акропол релито и во 2006 година.

Колин Мекреј е мајсторот на Акрополис

Колин Мекреј е мајсторот на Акрополис рели со пет победи помеѓу 1996 и 2002 година.

Меѓу другите победници се поранешните светски шампиони Валтер Рорл, Бјорн Валдегард, Ари Ватанен, Мики Биасион, Јуха Канкунен, Карлос Саинц и Себастиен Леб.

Форд пак е на врвот на листата на почесни производители со 13 победи.

Колку брзо се вози

Освен што Константинос ми беше водич на ЕКО Акрополис Рели, на кратко имав можност и јас да го почуствувам адрелениот на возачите, откако успеав да го убедам да ја зголеми брзината на патот до една од рутите во Харвати, во близина на Атина.

Иако изгледа дека возат многу брзо, просечната брзина е околу 110-120 километри на час, кои за најчесто земјените патишта со бројни кривини и други предизвици и не е малку.

„Немам никаков страв. Благодарение на совозачот (кој е задолжителен, н.з.) мојата задача е да бидам сконцентриран на констатната брзина, за да постигнам подобар резултат.

Совозачот се моите други две очи и мојата судбина е во негови раце, па затоа тој е секогаш возач од доверба. Тој цело време прави белешки за аголот на кривините, кои се клучни за да не доживеете несреќа, ме предупредува за брзината…“, вели Константинос, кој во долгодишната кариера нема ниту една повреда.

Надвор од натпреварувањата е уште повнимателен возач и како што вели никогаш не ја зголемува брзината, ако тоа не е дозволено.

Скапо „хоби“

Не секој професионален возач на овие трки заработува многу, а посебно не како возачите на Формула 1, вели Константинос.

Ова е скапо „хоби“ и не секој може да си го дозволи, па повеќето возачи се задоволуваат со адреналинот.

За да бидат постојано дел од бројните натпреварувања не е доволен само ентузијазмот и желбата, па така Константинос е влезен во бизнисот со одгледување и трговија со портокали.

Не е скапо да се стане рели возач, но чини за да се отиде на рели. Најпрво Ви требаат пари за лиценца за натпреварување и национална лиценца.

Потребен Ви и е секако и добар автомобил, како и пари за такса за учество на овие натпревари, средства за тимот (кој брои најмалку шест лица), како и за совозачот, за модификација на автомобилот, рутинската подготовка за настани, гуми, комбе од 3/4 тони и приколка за транспортирање на автомобилот до настани, за патување до истите…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Следната недела ќе се знае од каде Македонија ќе набавува струја

Редакција

Незамисливо е Камчев кој „наводно“ дал 1,5 милиони евра да нема статус на оштетено лице, вели обраната на Боки 13

Редакција

Ристевска – Јорданова за францускиот предлог: Прекинување на ветотото или бугаризација до недоглед?

Редакција