еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Галерија) Симон Трпчески и пријателите со историска изведба во струшкото село Збажди: Македонисимо си дојде дома, по пет години промоција низ светот

За да дојдеме до убавата приказна за музичкиот проект Македонисимо, прво треба да се стигне до селото Збажди, каде што се одржа македонската претпремиера.

Лидерот на овој проект светски познатиот, македонски пијанист Симон Трпчески, патот до таму го опиша отприлика вака: кога ќе излезете од Струга во насока кон Дебар на еден километар се скршнува десно и редоследно се поминува низ селата: Драслајца, Биџево, Ново Село, Долно Татеши, Мислодежда, Присовјани, Збажди.

Вклучив навигација, но за секој случај селата ги запишав на ливче.

За концертот исто така беше најавено дека ќе се случи на 1.000 метри надморска височина, па патувањето до таму, беше уште повозбудливо, бидејќи на одредени делници, наместо да се качувате, се симнувате. Еден вид возење по тесен планински ролеркостер.

Кога веќе сте при крај на дестинацијата, вредните волонтери од Црвен Крст, ги упатуваа возилата до местото на концертот.

Над селото, поставена сцена во нива, Ве пречекуваат деца во носии, и најубавото ѓомлезе некогаш вкусено.

Целото патешествие беше увертира во она што се случуваше во тоа Збажди, во тоа прекрасно место, прегрнато од планината Караорман, вгнездено во најубавата природа, дивина и специфична убавина на областа Малесија.

Душава ми пее и сакам да го кажам она што го чувствувам

„Одредени, чиниш невозможни мисии, всушност се многу возможни, заради тоа што се случуваат од срце, со срце. Моите прекрасни колеги, секогаш ми велат дека многу зборувам на сцена, ама како да не зборувам денеска, кога после толку настани низ светот, концерти и претставување на овој проект на осум други светски јазици, денеска за прв пат го зборувам и објаснувам на својот македонски јазик.“

На овој начин, најуспешниот македонски пијанист на сите времиња во светски рамки, Симон Трпчески се обрати на почетокот на изведбата на Македонисимо во Збажди, селото од каде што потекнува неговата фамилија по татко, местото каде што растел, играл фудбал и не можел да замисли дека ќе настапува вечерта пред големиот празник Успение на Пресвета Богородица, кога е слава на селото.

„Зборовите можеби ќе бидат малку од повеќе, но мене душава ми пее, сакам да го кажам она што го чувствувам. Многу ми е мило и денеска сме особено среќни што го претставуваме проектот Македонисимо за прв пат во Македонија, после толку многу концерти низ светот. Долготрајна тема што тлее во нашите срца и дамнешна желба ова да се оствари, овој проект на софистицирани аранжмани на македонската народна музика, ора и песни под перото на македонскиот композитор Панде Шахов.

Исклучително сме среќни што нашите длабоки корени за прв пат имаме можност да ги претставиме во исклучително автентична околина во која пораснав.

Средина во која ја научив сржта на народната музика, која што зборува за кодот на еден народ. Околината Малесија во себе носи толку многу историја која што родила многу талентирани луѓе во наразлични сфери, како Чернодрински, Арсениј Јовков.

Ништо не е случајно, Голема Богородица е селска слава на Збажди. Додека в Кутел или кај мурвенката долу игравме фудбал, не можев да си замислам дека ова денеска ќе се случува овде, но од друга страна многу верував,“ изјави Трпчески.

Публиката беше од сите возрасти, жители на селото, негови пријатели, роднини, добронамерници, патници кои специјално отидоа да го почувствуваат грмењето на звуците помеѓу планините, а произведени од пијаното на Трпчески, кларинетот, саксофонот и кавалот на Хидан Мамудов, виолината на Александар Краповски, виолончелото на Александар Сомов, удиралките на Влатко Нушев.

Светски музичари, кои со авиони, возови, автомобили, се довезоа до Збажди, за да му го покажат на македонскиот народ тоа што му го покажуваат на светот за македонската музика.

Создадовме музика за генерации, и која се носи рамо до рамо со класичната музика

„Од секогаш верував дека нашата музика може да биде донесена рамо до рамо со класичната музика. Впрочем да знаете дека сите класични композитори се исклучително инспирирано од својата народна музика и од народната музика на други народи, и на свој уникатен музички јазик си ја инволвирале во своите дела.

Овој проект во мојата глава се вртеше повеќе од четири години, денеска е петгодишнината од проектот Македонисимо, и се случува во Македонија. Да знаете дека со заедничката работа со овие прекрасни луѓе со несебичниот и исклучително надарен работлив, не-егоист композиторот Панде Шахов направивме нешто што ќе остане за генерации и генерации и се носи рамо до рамо со класичната музика,“ потенцираше Трпчески кој на публиката ѝ обрати внимание дека на пример „Не си го продавај Кољо чифликот“ е измешана со убавините на музиката од Јоханес Брамс.

И во објаснувањето за проектот се вели:

„Македонисимо произведува уникатен звук: спојува неверојатни ритми и прогонувачки мелодии на македонската народна музичка традиција, со виртуозни рифови и хармонии под влијание на џезот.

Дваесет и три ора и песни, лично избрани од Трпчески  за овој проект, се испреплетени на навистина уникатен начин од композиторот Панде Шахов. Специфичен музички јазик кој сам по себе станува сосема посебен музички стил.“

Трпчески вели дека светот многу му се воодушевува на овој проект, што за квинтет Македонисимо е уште поголема награда.

„Ова е софистициран приод кон нашата музика, таа не е лесна како што си ја знаеме, но тоа прави уште повеќе да си ја почитуваме.

Македонисимо е резултат на долготрајна истражувачка работа, на луѓето кон кои јас имам особена почит и кон кои што секој професионален музичар, па и обичен човек треба да има почит.

Во периодот на создавање се консултирав со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, со Ансамблот на народни игри и песни „Танец“, кои што многу помогнаа во подготовките на овој проект со несебично споделување на огромните материјали и историја која што ја имаме како архива, за која всушност не сме ни свесни,“ додаде тој.

Обраќајки ѝ се на публиката помеѓу мајсторските изведби на секоја од Плетенките: Плетенка 1 (Пембе, Буфчанско, Беровка, Малешевка, Црногорка) Плетенка 2 (Чије је она девојче, Ибрахим оџа, Беранче) Плетенка 3 (Филка мома, Ситна лиса, Старо Чуново, Ратевка, Драчевка) Плетенка 4 (Не си го продавај Кољо чифликот, Жетварки, Чучук) Плетенка 6 (Метово, Пелистерско, Поступано), Трпчески цитираше стихови, од Константин Миладинов и други познати дејци на македонскиот пишан збор.

Но имајќи ја предвид пораката која што сака да ја испрати преку овој проект, а кој што е посветен на македонскиот народ, најсоодветен за цитирање е цитатот што го прочита од уште една големина на пишаниот збор, драмскиот писател Горан Стефановски.

„Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет. Кога Хераклеја ми е дома. Кога Охрид ми е дома. Кога Виа Иганција единствениот автопат што постоел во Европа помеѓу петти и 15 век поминувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш се да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“

Изведбата на Македонисимо во Збажди беше посебно емотивно доживување за Трпчески, музичарите на сцена и присутните, бидејќи Македонисимо значи ептен македонско и Македонисимо си дојде дома, каде што се неговите корени.

Македонисимо во Збажди имаше најсилно тежиште, и не постои поубаво место, за почеток на неговата македонска промоција. Убава македонска музичка приказна која му се раскажува на светот, и во вистинско време, ќе му се раскаже и на македонскиот народ од каде што потекнува и му е посветена.

Фото: eMagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 127 пациенти кои боледуваа од корона вирусот

Редакција

Блумберг: Русија годинава би можела да заработи 321 милијарди долари од извоз на нафта и гас

Редакција

Интерконекторот за природен гас меѓу Грција и Бугарија ќе донесе слобода од руската енергетска зависност, вели Фон дер Лајен

Редакција