Германската влада соопшти дека рускиот опозиционер Алексеј Навални е отруен со воен нервен отров од групата новичок.
„Со дозвола на универзитетската болница Чарите, посебната лабораторија на Сојузната војска спроведе тестирање на примероци од Алексеј Навални. Надвор од секое сомневање е утврдено присуство на воен отров од групата новичок. Навални на 22 август со симптоми на труење донесен е од Русија во Берлин на лечење,“ се вели во соопштението.
Во него се наведува и дека за сѐ ќе бидат информирани и партнерите во ЕУ и НАТО и дека со нив ќе бидат договорени дополнителните чекори. Ќе биде информирана и организацијата за забрана на хемиско оружје, како и сите фракции во Бундестагот.
По лекување во руска болница, Навални беше префрлен на лекување во Германија каде што се потврдија сомнежите дека е отруен.
Фото: Фејсбук/Навални