Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против едно лице за продолжено кривично дело – „измама“ од член 247 став 1 во врска со член 45 и кривично дело – „лажно претставување“ од член 391 став 1 од Кривичниот законик, информираат денеска од Обвинителството.
– Осомничениот, во временскиот период од 17.07.2022 година до 15.04.2023 година, во шест наврати со умисла извршил временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно извршување на истото дело. Со намера за себе да прибави противправна имотна корист, јавувајќи се телефонски на повеќе лица и претставувајќи се по телефон како службено лице, вработено во државни или институции што вршат работи од јавен интерес, со лажно прикажување на факти ги доведувал и ги држел во заблуда, се наведува во соопштението.
Потоа, додаваат од Обвинителството, барал да му уплатат парични средства на различни начини, преку трети лица и прибавил за себе противправна имотна корист од 115.362 денари.
– Така, на 17.07.2022 година, осомничениот се јавил од Гевгелија на една оштетена од Кавадарци и лажно ѝ се претставил дека е службено лице – јавен обвинител од Скопје и дека може да ѝ помогне за нејзиниот син за кој води постапка за кривично дело „тешка кражба“, доколку плати 300 евра.
Оштетената по такси возило испратила 9.000 денари и 50 евра, по што ѝ побарал уште 15.790 денари, но, таа одбила да ги плати.
На 16.07.2022 и на 18.07.2022 година, осомничениот во два наврати се јавувал кај две различни жени од Кавадарци, им се претставил како службено лице – раководител на Управата за јавни приходи и им кажувал дека за нив има решение за наплата на долг на име неплатен данок. На жртвите им рекол дека може да се договорат доколку му платат определен износ, но, тие провериле во УЈП во Кавадарци од каде им кажале дека немаат таков долг.
На 06.05.2023 година, осомничениот се јавил телефонски на оштетена од Кавадарци и лажно ѝ се претставил дека е службено лице – раководител на Агенцијата за вработување на РСМ од Скопје и дека нејзиниот сопруг имал право, како вработен во фирма која отишла во стечај, по завршување на стечајната постапка да земе износ од 967.000 денари, но, дека за да се спреми документацијата, оштетената треба да му плати веднаш 7.200 денари. Жртвата му ги пратила парите во плик по автобус за Гевгелија, по што повторно ѝ се јавил осомничениот и ѝ кажал дека треба да му прати уште 5.900 денари, но, оштетената одбила, појаснуваат од Обвинителството.
Потоа, додаваат, на 20.05.2023 година, „осомничениот отишол на градските гробишта во Гевгелија каде сретнал една оштетена, на која ѝ се претставил дека е службено лице – одговорен на АД Осигурување Скопје и ѝ кажал дека нејзиниот сопруг плаќал животно осигурување во 2011 година и дека треба да ѝ бидат исплатени 43.000 евра, но дека треба да плати 600 евра за да се изготви документацијата. Побарал парите да ги однесе во плик во слаткарница во Гевгелија од каде ги подигнал“.
– Во периодот од 13.06.2023 до 16.06.2023 година осомничениот се јавувал кај оштетена од Струмица, ѝ се претставувал како службено лице – главен инспектор на Управата за јавни приходи во Струмица и ѝ кажал дека за последните 4 години и 9 месеци имала затаен данок за плаќање во висина од 347.000 денари. За да може да биде затворено наводното затајување, од неа побарал да плати 150 евра, како 400 евра од книговодителот на оштетената за да не ја загуби лиценцата што не го пријавила данокот. Оштетената му платила по што на 16.06.2023 година повторно ѝ се јавил и побарал уште 600 евра кои оштетената ги платила, со што ја навел да му исплати вкупна сума од 1.150 евра во денарска противвредност, пишува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.