Досегашниот директор на Царинската управа Ѓоко Танасоски е разрешен од функцијата, а на негово место за вршител на должноста директор е назначен поранешниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески.
На денешната 38-ма седница на Владата донесени се уште неколку кадровски решенија.
За в.д. заменик директор на Дирекцијата за заштита и спасување е именуван Зулфикар Зејнулаи, а за в.д. директор на Државниот управен инспекторат е назначена Кети Василевска.
Владата ја прифати и оставката на досегашниот директор на Националниот парк Галичица, Васко Паскали и на негово место го назначи Александар Миљовски.
На владината седница е разгледана и оставката на директорот на Агенцијата за енергетика Нехри Емрула со препорака до Управниот одбор на институцијата да го разреши и за вршител на должноста да го назначи Дарио Никловски.
Донесена е и одлука да му се препорача на Управниот одбор на јавното претпријатие Студенчица да го разреши директорот Урим Ахмети и на негово место да ја именува Ардита Дани.
Фото: Влада