Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, како и зголемувањето на цените и инфлацијата, се првите три најголеми проблеми со кои се соочуваат граѓаните во земјава, според денеска објавените резултати од истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ), „Северна Македонија: Перцепција на граѓаните за општата состојба, економските политики и заштитата на потрошувачите“.
На прашањето кој е првиот најважен проблем со кој се соочува земјара, 27,2 проценти рекле дека тоа е животниот стандард, ниските плати и пензиите, за 22,9 проценти тоа се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти зголемување на цените и инфлацијата.
Следни на листата најголеми проблеми за државата се невработеноста (8,4 проценти), интеграција во ЕУ, отвореното прашање со Бугарија (6,7 проценти), владеење на правото и демократијата (5,9 проценти), иселувањето (5,4 проценти), судството (4,6 проценти), здравството (два процента)…
Човековите права и слободи, енергетската криза, образованието, безбедноста и стабилноста, меѓуетничките односи, и загадувањето, пак, се причина за загриженост на помалку од еден процент од испитаниците.
Според 58,2 процента од испитаниците што биле прашани кои се најважните проблеми, одговорот е животниот стандард, ниските плати и пензии, по што следуваат криминалот и корупцијата (48,8 проценти), зголемувањето на цените и инфлацијата (48 проценти), иселувањето (25,3 проценти), невработеноста (23,5 проценти)…
Истражувањето на Националниот демократски институт е спроведено од 13 до 24 април годинава на примерок од 1.003 испитаници на возраст од над 18 години, со метод лице-в-лице и маргина на грешка +/-3,09 процентни поени.
Истражувањето на јавното мислење е реализирано од ТИМ Институт и финансирано од Националната фондација за демократија. Наодите од истражувањето не ги одразуваат ставовите на НДИ и Националната фондација за демократија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Голема разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во анкетата на НДИ