Граѓаните во услови на пандемија имаат проблем со остварување на правото на надоместок на помош и нега од друго лице. За проблемот е информирана Владата, со цел надлежните министерства за труд и социјална политика и за здравство, да изнајдат начин барањата на граѓаните да бидат примени и разгледани, информираше денеска на прес-конференција Драги Целевски, државен советник од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Проблемот, посочи Целевски, е детектиран кон крајот на месец март, по повеќе претставки и јавувања од граѓаните дека поради неможноста од обезбедување на конзилијарно мислење од тројца лекари специјалисти, не им се прифаќаат барањата од надлежниот Центар за социјална работа, по што се преземени конкретни дејствија.
Народниот правобранител, исто така, доставил и укажување до Центарот за социјална работа – Скопје, кој е должен да ги информира сите подрачни служба и да им укаже дека се должни да ги примат барањата од граѓаните, а документацијата да биде дополнително доставена.
– Утврдено е дека проблемот е настанат на следниот начин – Центрите за социјална работа, пред се подрачните служби во Скопје, не ги примале барањата од граѓаните, кои кон своите барања не приложувале конзилијарно мислења.
Тоа, конзилијарно мислење не можеле да го приложат, бидејќи нивните матични лекари не можеле преку системот „Мој термин“ да закажат преглед кај лекарите специјалисти.
Согласно правилникот од Владата од почетокот на пандемијата, проверката и одлуките се носат само врз основа на документацијата, не и со непосреден преглед на лицата. Меѓутоа, таквите проверки на документацијата не е можна, во конкретниот случај, со тоа што граѓаните од страна на центрите или од нивните матични лекари биле информирани дека не може да се реализираат тие мислења поради презафатеност на лекарите во време на пандемија, појасни Целевски.
Народниот правобранител, појасни Целевски, одлучи да ја запознае Владата, за потребата од преземање дејствија од надлежните министерства – за труд и социјална политика, во чиј домен е социјалната заштита и до Министерството за здравство, бидејќи во негов домен се комисиите кои ги носат наодите и конзилијарните мислења.
– Очигледно проблемот е и во самиот капацитет на комисиите кои одлучуваат и носат наод и мислење за здравствена состојба на граѓанин за остварување на некое право од социјална заштита, бидејќи кога е донесен Законот за здравствена заштита, кој е основа за нивно формирање, вкупниот број е 15, од кои пет на територија на град Скопје.
Очигледно застојот е тука, не може да се обезбеди наодот и мислење, изјави Целевски.
МИА