еМагазин
Image default
Македонија

Грчките медиуми за новата Влада: „Една од „жешките теми“ се односите со Бугарија“

„Северна Македонија: Владата на Ковачевски доби доверба“, „Северна Македонија: Со 62 гласа „за“ беше избрана Владата на Ковачевски“, Северна Македонија: Владата на Ковачевски доби доверба од Собранието“, се дел од насловите во онлајн изданијата грчките медиуми, кои го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА за синоќешното гласање на доверба на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.

АНА-МПА детално го објаснува новиот владин состав, ги пренесува ставовите на новиот премиер за време на расправата во Собранието, како и ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Аналитичарите во Скопје го поставуваат прашањето дали Владата на Димитар Ковачевски ќе може да го заврши својот мандат, кој формално е уште две и пол години. Тоа е затоа што најголемата партија во владејачката коалиција, СДСМ, на неодамнешните локални избори во земјата претрпе убедлив пораз, што предизвика сериозни турбуленции во самата партија, додека десничарската ВМРО-ДПМНЕ, која во моментов се појавува како најголема политичка сила во земјата, на високи тонови аргументира дека новата Влада нема легитимитет, бидејќи постои неусогласеност меѓу власта и народната волја, како што таа беше изразена на локалните избори.

Сепак, Димитар Ковачевски вели дека неговата Влада ќе го заврши мандатот и ја отфрла можноста за предвремени избори, објави АНА-МПА.

Грчката новинска агенција коментира и дека „една од „жешките“ теми“ за новата Влада се односите со Бугарија, „која над една година го спречува почетокот на пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ поради отворените национални, јазични и историски разлики меѓу двете земји“.

-Новиот премиер на Бугарија Кирил Петков ќе биде првиот странски лидер што ќе се сретне со Димитар Ковачевски. Петков утре, вторник, 18 јануари, ќе го посети Скопје, каде ќе се сретне со новиот премиер на Северна Македонија, а во фокусот ќе се најдат „проблематичните“ односи меѓу двете земји и можноста за нивна делумна нормализација преку формирање мешани комисии за соработка во различни области, пишува АНА-МПА.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Матичните лекари утре на протест, бараат покачување на капитациониот бод

Редакција

Нови 855 случаи со Ковид-19, оздравени 683 болни и двајца починати

Редакција

Судот треба да пресече: Обвинителство се согласи Мијалков за 10 милиони евра гаранција да се брани од слобода

Редакција