По објавувањето на јавниот повик од страна на Владата за сите хотели во државата да ги отстапат своите капацитети за полесно справување со корона вирусот, сопствениците на хотелот Stone Bridge експресно се одзваа на повикот.
City Plaza групацијата која што е сопственик на хотелите Stone Bridge и Double Tree by Hilton, решија доброволно да ги отстапат хотелските капацитети на хотелот Stone Bridge. Во нив ќе се формира карантин под надзор на државата и Министерството за здравство за оние лица кои што се препраќаат во карантински надзор поради корона вирусот.
Од викендов, во хотелот се сместуваат веќе првите лица. Преземени се сите безбедносни мерки за заштита и превенција на персоналот на хотелот како и за самите простории кои што се отстапуваат.
„Нашите објекти се ставени на располагање на државата, бидејќи решивме да излеземе во пресрет и да бидеме иницијатори за сите останати објекти да го следат нашиот пример со цел полесно да се справиме со новонастанатата криза и да го дадеме својот придонес во борбата против корона вирусот“, изјави Даниела Адемоска, сопственик на хотел Stone Bridge.
Хотелот се наоѓа во центарот на главниот град на Македонија, Скопје, и е со одлична локација која што нуди пристапност за влез на сите медицински екипи и пациенти.
Со ова, хотел Stone Bridge покажа општествена одговорност и понуди помош за државата во моменти на тешка здравствена криза кога целиот свет е соочен со заканата од корона вирусoт, COVID-19.
Воедно, Хотел Stone Bridge упатува апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките од Министерството за здравство, бидејќи само така ќе ја победиме оваа битка.