Предлог-законот за акцизите кој го подготви Министерството за финансии, кој е објавен на Националниот електронски систем на прописи (ЕНЕР), меѓудругото предвидува производителите на ракија и други жестоки алкохолни пијалоци од казан, а кои се наменети за продажба да плаќаат акциза од 30 денари за секој продаден литар со јачина од 45 отсто алкохол.
Според предвиденото законско решение максимално дозволена количина на годишно производство е 1.000 литри чист алкохол.
Според Предлог-законот земјоделецот пред да започне со дестилирање на овошјето да ја извести царинската управа дека ќе започне со производство, наведувајќи ги точната дата и време во кое ќе се одвива производството без прекин, место на дестилирање, видот на овошјето кое ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалок и планираната количина на акцизни марки.
Предлог-законот го регулира и пакувањето на алкохолот и лепењето на акцизната маркичка:
„Жестоките алкохолни пијалоци произведени од страна на земјоделците се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до 5 литри за крајните купувачи и за продажба во угостителски објекти“.
Земјоделецот е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка која треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора да се оштети.
Плаќањето на акцизата е планирано по завршување на производството со поднесување акцизна декларација.
Земјоделецот ќе треба и да го означи пакувањето со специјална етикета во која е наведено дека жестокиот алкохолен пијалок е произведен под посебен режим на намалена акциза. На етикетата треба да се наведе сериски број, името и адресата на производителот, процентот на алкохол, видот на производот, како и бројот од решението од Агенција за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.
Доколку земјоделецот произведе жестоки алкохолни пијалаци над 1.000 литри чист алкохол ќе треба до царински орган да достави изјава со податоци за вкупно годишно производство на жестоки алкохолни пијалаци. Надлежниот царински орган со решение ќе ја утврди и пресмета акцизата на разликата од количината која е произведена над пропишаната.