За сомнежите за труење со храна кај дел од работниците во РЕК Битола денеска се огласија и од државната компанија ЕСМ АД Скопје, во чии рамки функционира оваа подружница.
-Сакаме да истакнеме дека веднаш по појавата на првите симптоми кај дел од вработените во рудникот, сите лица кои се пожалиле на труење биле навремено упатени на прегледи и анализи во Клиничката болница во Битола.
Паралелно, раководството на РЕК Битола ги известило надлежните институции и презело превентивна мерка со затворање на мензата, сè до целосно завршување на анализите на земените мостри и утврдување на причините.
Според досегашните информации, на преглед се јавиле вкупно 81 лице, при што најголемиот дел се со лесна клиничка слика и сите се пуштени на домашно лекување. Ова укажува дека состојбата е под контрола и се третира со соодветна сериозност.
Дополнително, важно е да се напомене дека истата храна ја конзумирале и вработените во делот „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми.
Во однос на затворањето на кујната, станува збор за вообичаена превентивна постапка што се применува во вакви ситуации, со цел да се обезбеди заштита на здравјето на вработените додека траат испитувањата, велат од таму.
Од таму апелираат да не се изнесуваат непроверени информации и да не се создава непотребна паника.
-Надлежните институции активно работат на целосно расчистување на случајот, а јавноста ќе биде транспарентно информирана за сите понатамошни наоди.
Политичките партии да се воздржат од шпекулации со кои се обидуваат да добијат ситни дневно-политички поени додека е во тек анализата од надлежните институции кои треба да ги утврдат причините, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Затворена кујната во РЕК Битола, по сомнежот за труење на работници
81 вработен во РЕК Битола со симптоми на труење
Фото: Унсплеш














