еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Извршниот директор Давков открива детали за Ист Гејт Мол: Стартува со 220 продавници и 600 трговски марки

Скопје Ист Гејт (СЕГ) е изграден за точно 26 месеци, според најновите трендови и со иновативен дизајн. Веќе е закупен 99%, а за големиот ден, за отворањето на 29 октомври, се подготвуваат целодневна забава и многу изненадувања за посетителите, кои ги очекува едно сосема ново искуство, вели извршниот директор Игор Давков на Скопје Ист Гејт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(ВИДЕО) Како ќе изгледа East Gate Mall, кој се отвара во октомври

Скопје Ист Гејт е проектот за кој најмногу се зборуваше и кој нетрпеливо се очекуваше низ изминатите неколку години од почетокот на неговата изградба.

Како што се навестуваше заживувањето на приказната за Скопје Ист Гејт и како што наближува отворањето на првиот сегмент од проектот, Ист Гејт Мол, возбудата постојано расте.

До денес потврдено е присуството на многу светски брендови, значајни имиња кои првпат доаѓаат во Македонија, но и голем број досега добро познати и присутни брендови, кои на атрактивната локација ќе понудат целосно нови концепти по светски стандарди.

Веднаш штом почнаа да се наѕираат контурите на импозантниот објект на Ист Гејт Мол, со кој се комплетира првата фаза од изградбата на овој мултифункционален комплекс, стана јасно дека големите очекувања меѓу кои и она СЕГ да стане нов центар во центарот на градот не се напразни.

Скопје Ист Гејт, на површина од 500.000 m2 квадратни метри или попрецизно Ист Гејт Мол со 57.000 m2 површина за закупци и најразновидни простори за забава, шопинг и уживање, со сигурност ќе биде уште еден од проектите на кој БАЛФИН, најголемата инвестициска групација во регионот, ќе биде особено горда.

Во пресрет на големото отворање на Ист Гејт Мол разговаравме со извршниот директор на СЕГ, Игор Давков.

Се одбројуваат последните денови до официјалното отворање на најголемиот шопинг-центар во регионот, Ист Гејт Мол. Се исполнија ли вашите очекувања во однос на она што ќе им го понудите на скопјани, но и на целиот регион, откако завесата и официјално ќе се крене?

– Горд сум на работата што ја завршивме и со уште поголем ентузијазам продолжуваме понатаму. Трговскиот центар стартува со 220 продавници, продавници во кои ќе може да се најдат над 600 различни трговски марки.

Ги донесовме најголемите меѓународни групации како Индитекс и ЛПП кои, пак, нудат комплетно портфолио првпат во Македонија. Со 99% закупеност до самото отворање, Ист Гејт Мол ќе претставува најатрактивна шопинг-дестинација во регионот.

Што да очекуваме на самото отворање? Можете ли да ни откриете барем дел од она што го подготвувате?

– На големиот ден, 29 октомври, петок, најавуваме отворање на вратите за сите посетители од 10 часот наутро и сè до 22 часот, низ забава со пет диџеи и различни анимации, им подготвуваме многу изненадувања и специјални понуди на купувачите. Очекуваме голема посетеност.

Центарот е навистина простран, голем, со широки патеки, нуди многу природна светлина и адаптиран е да овозможи удобност и безбедност на голем број посетители во исто време. Отворањето како и посетата на центарот ќе се одвиваат според ковид-протоколите кои важат за сите јавни објекти.

Создавањето на проект од рангот на СЕГ, секако не е едноставен процес, особено што значаен дел од изградбата се одвиваше во време на пандемија. Имавте ли и други предизвици освен Ковид-19 и како се справувавте со нив?

-Македонија може да се гордее со професионализмот и добрата координација на сите изведувачи. Центарот го изградивме за 26 месеци, со оглед на тоа што, покрај вирусот ковид, кој го смени начинот на работење и го забави увозот на материјали, имавме и предизвици поврзани со временските околности кои, исто така, требаше добро да се менаџираат.

Успеавме да ги совладаме сите предизвици, па така подготвени сме да ги отвориме вратите во предвиденото време.

Извесно е дека Ист Гејт Мол ќе понуди нови брендови, нови простори, но она по што главно ќе се разликува од преостанатите шопинг-центри е самиот концепт. Како би го опишале од ваша перспектива, како Вие го доживувате?

– Граѓаните треба да се подготват за сосема ново искуство и поимање за еден трговски центар. Очекуваме Ист Гејт Мол да се позиционира како новиот центар за потрошувачите од регионот.

Едно ново и сосема поинакво место за шопинг, забава, средби и минување на слободното време.

Осмислен е според најновите трендови на мол – дестинација во која посетителите доаѓаат затоа што е „ин“ место за излегување и забава, а притоа тука ќе ја најдат најголемата и најдобрата селекција на брендови за шопинг, гастрономија, за домот, за кафе со пријателите, како и голем број услуги кои досега биле невообичаени за еден трговски центар.

Во овој тип мол од новата генерација, посетителот ќе поминува подолго време од просечното време минато во шопинг мол досега.

Што за вас лично значеше инволвирањето во овој проект? На што сте особено горд?

-Пред сè, мене лично ми претставува чест и привилегија да раководам со тим на професионалци со кои заедно успеавме не само да го изградиме, туку и да го издадеме под закуп целиот трговски центар.

Особено сум горд што го постигнавме замисленото и од временска дистанца, но и од призма на структурата, функционалноста и квалитетот, а и секако затоа што сум дел од тимот што го креираше новиот симбол на модерно Скопје. Иако предизвиците не завршуваат овде.

Минатиот месец ја објавивме втората фаза на проектот Скопје Ист Гејт – Ист Гејт Ливинг со кој на нашите граѓани ќе им понудиме еден сосема нов, модерен и урбан простор за живеење.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

50 станови се веќе резервирани: Квадрат во East Gate Living ќе се продава по цена од 1.250-1.350 евра

(Фото) Како ќе изгледа East Gate Living, продажбата на становите започна

Со кое темпо е предвидено да се одвива изградбата? Кога Ливинг ќе ги добие првите станари?

– Ист Гејт Ливинг го лансиравме пред неполни два месеци. Со изградбата на четири станбени згради и 672 станбени единици, како што веќе наведов, Скопје ќе добие една нова урбана животна средина, исполнета со пространи зелени површини.

Реализацијата на проектот се очекува да заврши кон крајот на 2023 година. Со самиот факт дека претставува дел од единствениот повеќенаменски комплекс во градот, потпишан од меѓународно наградуван дизајнер и поставен во близина на најголемиот трговски центар во градот, Ист Гејт Ливинг се позиционира на врвот на листата на идните купувачи на станови во Скопје.

Групацијата БАЛФИН, која стои зад реализацијата на Скопје Ист Гејт, е препознатлива по иновативниот пристап кој го инкорпорира во секој свој проект. Со какви иновации ќе може да се пофали Ист Гејт Мол?

– Самото архитектонско решение е иновација, пред сè, затоа што инкорпорира град во град. Вклучени се и повеќе системски иновации кои се дел од современото функционирање на трговските центри, пред сè, преку имплементација на интегрирани паметни решенија.

Преостанатите иновативните алатки како иновација за лојалност, онлајн-шопинг, виртуелен маркетплејс, итн. допрва следуваат.

Фото: Ист Гејт Мол

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ќе можеме ли да патуваме со авион без да се вакцинираме за Ковид-19?

Редакција

Лидерот на Беса, Касами вели дека не е изненаден од одлуката на сопартиецот Реџепи

Редакција

Антикорупциска: Податоците за транспарентноста на политичките партии се поразителни

Редакција