еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Како 16 партизани од одредот „Гоце Делчев“ го почна народното востание против фашизмот: Македонија го слави 11 Октомври

Македонија денеска го чествува државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание.

За почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи.

Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.

Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски.

Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески.

Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.

Во акцијата на првата група бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп. Потоа, Аспарух Јосифовски фрлил бомба врз стражарницата. Меѓутоа, надвор се нашол уште еден војник и отворил оган врз групата и со тоа овозможил стражарите да се извлечат. Потоа настанала вооружена престрелка, а групата успеала да се извлече по речното корито. Помеѓу партизаните немало загинати.

Втората група нападот го започнала точно во 22 часот. Во предвиденото време незабележана групата се доближила до затворот и во моментот кога ја слушнала престрелката пред полициската станица по фрлената бомба јуришала на затворот. Од затворот било возвратено со оган. Откако било констатирано дека не може да се влезе во затворот за да се ослободат затворениците биле фрлени бомби со што било овозможено без губитоци групата да се повлече по тесните улици.

Третата група со спојување на телеграфските и електричните жици успешно го прекинува телефонскиот сообраќај за да не може воениот гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот.

По изведените акции сите три групи се повлекуваат без губитоци на зборното место наречено Средоточна вода во текот на ноќта додека во градот сѐ уште се слушаат истеели од огнено оружје.

Според оптужницата на воениот суд против учесниците на нападот на полициската станица групата се обучувала во близина на Марковите Кули. Напаѓачите располагале со околу дваесет пушки со неколку бомби, со 300-400 куршуми, со леб и со други намирници.

Во оптужницата се вели дека во текот на нападот со три куршуми бил убиен стражарот Петар Дамев Колев во текот на извршување на стражарската должност. Стражарот Стојан Иванов Георгиев бил ранет во левата нога и во градниот кош пред полициската станица. Како резултат на отпорот кој бил даден, се вели во оптужницата, напаѓачите фрлиле рачна бомба која експлодирала, но не повредила никого.

Користени материјали од Википедија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото+Видео) Пендаровски: Имаме извонредно ретка можност да бидеме сведок на еден импресивен јубилеј-1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир

Редакција

(Фото) Обвинетиот Артан Етеми не се појави, судењето за модуларната болница во Тетово одложено за 31 јануари

Редакција

Од Ковид-19 починале осум лица, дополнително пријавени уште пет

Редакција