еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Фото+Видео) Пендаровски: Имаме извонредно ретка можност да бидеме сведок на еден импресивен јубилеј-1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир

Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“ со Орден за заслуги, за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активности.

„Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.

Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.

Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност.

Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел.

И да имате најдобра намера и желба, невозможно е само во неколку минути да ја опфатите илјадагодишната историја и традиција на овој храм  и да кажете доволно за сите аспекти кои го прават делото на Бигорскиот манастир толку посебно и вредно,“ рече Пендаровски.

Тој додаде дека и покрај стравот од Ковид-19, токму илјадагодишната приказна на Бигорски не подучува дека животот не е само мед и млеко и дека како што вели народната мудрост, во секое лошо има и по нешто добро.

„Човековата историја памети и други апокалиптични собитија, но, човечкиот род секогаш излегувал возобновен со нови животни искуства. Така ќе биде и овојпат. Во борбата за порадосен и поисполнет живот, моќта на вековните крепости каков што е Бигорски, сигурно можат да ни послужат како дополнителна инспирација,“ додаде Пендаровски.

МИА/Фото/видео: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Арбен Таравари, старо-новиот градоначалник на Гостивар

Редакција

„Дурмо турс„ сам на себе си правел технички преглед: Лавина од реакции на социјалните мрежи

Редакција

За прв пат учествува и Македонија: Вечерва почнува Европското првенство во фудбал

Редакција