Како до одржлива модна и текстил индустрија беше главна тема на форумот „Мода-едукација-технологија“ во Скопје

Во организација на Здружението „Добредојде Македонија -Welcome Center“, а под покровителство на Амбасадата на Република Словенија, во Скопје на 17. март, заврши еднодневниот Моден форум на тема: „Мода-едукација-технологија“, во рамки на проектот: „Зајакнување на женското претприемништво преку занаети и одржливост“.

Настанот ги обедини претставниците од релевантни институции, од образовниот сектор, модната и текстилната индустрија, како и експерти и креативни професионалци, со цел поттикнување на стратешки дијалог за развој на конкурентна, иновативна и одржлива модна индустрија во земјава.

Во своето обраќање, словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, го истакна задоволството и важноста на меѓународната соработка и заедничките иницијативи во насока на поврзување на образованието, иновациите и индустријата меѓу двете земји:

„Горди сме на поддршката на вакви иницијативи каков што е проектот: „Зајакнување на женското претприемништво преку занаети и одржливост“ на „Добредојде Македонија – Welcome Center“, којшто претставува значаен чекор кон создавање одржливи и конкурентни креативни индустрии, базирани на знаење, иновации и партнерства,“, изјави Прескер.

Основачот и претседател на Здружението „Добредојде Македонија-Welcome Center“, Емилија Миладинова Аврамчева, нагласи дека една од главните цели на форумот е да создаде трајна платформа за соработка.

„Овој форум не е само настан, туку едно своевидно заокружување на проектот на поврзување-меѓу луѓето, институциите и идеите, со цел да се создадат нови можности за развој на модната индустрија и женското претприемништво во нашата земја. Сведоци сме на успешни приказни коишто не само што беа иницирани од проектот, туку денес самостојно се развиваат, инспирираат и во пракса ги докажуваат заложбите на голем број едукатори и волонтери од Здружението „Добредојде Македонија – Welcome Center“ за вредноста на креативноста како двигател на прогресот и иновациите во заедницата“.

Модното образование и индустријата – состојби и предизвици

На првиот панел, на тема „Модното образование и индустријата – каде сме и што понатаму?“, учествуваа: Наташа Сивеска – извршна директорка на Текстилен кластер, Анета Атанасовска – извршна директорка  на Занаетчиска комора, Росица Шабанова – директорка на СОУ „Богданци“ од Богданци и Ирина Тошева – модна дизајнерка едукаторка за одржлива мода.

Панелистите и публиката ги потенцираа клучните проблеми на македонската модна и текстилна индустрија, поврзани со: потребата за поинтензивна поврзаност меѓу образовниот систем и реалните потреби на индустријата, менување на улогата на производството за „други“ наспроти развојот на сопствени брендови, недостигот на квалификуван кадар и намалениот интерес кај младите за текстилната струка, но и недоволно искористениот потенцијал на занаетчиството како дел од современата и одржлива мода.

Технологијата и вештачката интелигенција како двигател на трансформацијата

Вториот панел на тема: „Од скица до алгоритам-технологија и вештачка интелигенција во модата“, се фокусираше на улогата на дигитализацијата и иновациите во современата модна индустрија.

Панелистите: Никола Булески  сертифициран едукатр за 3D дизајн и виртуелни прототипи, Катерина Тошева – модна продукт дизајнерка, Никола Ефтимов- професор и моден дизајнер и Ангела Доневска: 3D дизајнерка  и дипломиран Инженер – технолог, ги споделија своите лични и професионални искуства и визии за иднината на македонската модна и текстилна индустрија, со практичната примена на 3D дизајнот, виртуелните прототипи и вештачката интелигенција  како значаен потенцијал за унапредување на продуктивноста и одржливоста на македонската текстилна индустрија!

Во рамки на панелот беше истакнато дека „3D технологијата и вештачката интелигенција не ја заменуваат креативноста, туку ја прошируваат нејзината можност, создавајќи нови форми на израз и нови модели на производство.“

Форумот ја потврди потребата од интегриран пристап во развојот на модната индустрија, заснован на институционална поддршка, современо образование, технолошки иновации, и одржливи економски модели, со заедничка порака дека ваквите иницијативи и проекти треба да прераснат во континуирана платформа за дијалог, партнерства и конкретни политики, коишто ќе ја унапредат модната и текстилната индустрија во земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести