Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – декември 2025 година продажбите на Алкалоид АД Скопје достигнуваат 13.837.976.447 денари, што е за 3% повеќе во споредба со истиот период од минатата година, информираат од таму.
Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 20.899.116.085 денари, што е за 10% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20% во споредба со минатата година.
-Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава.
Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби, велат од таму.
Од вкупните консолидирани продажби 35% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65% се остварени на странските пазари.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 19%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Шведска и Австрија, каде што се зголемени 4-пати, потоа во Холандија, каде што се зголемени 3-пати, како и во Јужна Африка и Казахстан каде што продажбите се зголемени 2 пати.
Потоа следуваат оние во Финска (раст од 53%), Ирска (раст од 35%), во Португалија (раст од 32%), Грција (раст од 23%), Ерменија (раст од 22%), Полска (раст од 18%), во Германија (раст од 14%), итн..

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91%.
Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23%, препаратите ОТЦ со 18%, невролошките препарати со 12%, кардиолошките препарати со 11% од вкупните консолидирани продажби итн.
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2%, козметика со 6%, а билкарство учествува со 1%.
Вкупните продажби бележат пораст од 11% кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 3.393.013.158 денари, бележи зголемување од околу 18%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.984.231.174 денари и е зголемена за 17%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.594.356.875 денари и бележи раст од 20%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.795.766.435 денари е зголемена за 7%.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Алкалоид лани со инвестиции од 18 милиони евра и 54 нови вработувања














