Ќе патуваат ли летово и македонските граѓани во Грција без биометриска проверка на границата?

Воведувањето на новиот електронски систем за влез и излез во Шенген зоната (ЕЕС), периодов предизвика гужви, хаос и долго чекање на границите на Европската унија (ЕУ), што може сериозно да влијае на туризмот, но и на желбата да се патува таму.

Како што е познато сите граѓани кои се од земји кои не се во Зоната, според новите правила ќе треба да се фотографираат и да им бидат земени отпечатоци од прсти на влез, но да се фотографираат и на излез од ЕУ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од 10. април целосно на сила новиот систем за влез и излез во ЕУ

Македонија се надева нејзините граѓани летово да бидат изземени од проверката.

Слободен печат објави дека Туристичко-угостителската комора на Македонија утринава пратила допис до грчкото Министерство за туризам, во кој побарала македонските туристи за време на летниот период да бидат изземени од биометриската контрола.

Претседателот на Туристичката комора, Аркан Керим за Слободен печат вели дека во дописот се бара македонските граѓани да бидат изземени од системот во периодот од 1 јуни до 1. септември.

Тој се надева на позитивен одговор.

И Србија се надева дека и нејзините граѓани во текот на летово ќе бидат изземени од биометриската проверка на границата со Грција.

– Не верувам дека Грците ќе донесат каква било официјална одлука за суспендирање на ЕЕС за граѓаните на Србија, но верувам дека ќе ја искористат препораката на Европската комисија (ЕК), која овласти секоја земја членка да го суспендира ЕЕС во одреден момент, вели за српски Курир директорот на Националното здружение на туристички агенции, Александар Сеничиќ.

Претходно беше објавена информацијата дека Грција донела одлука летово од биометриската проверка на граница да ги изземи граѓаните на Велика Британија.

Сепак засега е нејасно дали тоа навистина ќе биде така и како тоа ќе изгледа, бидејќи ЕК побарала објаснување за оваа одлука од Грција.

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести