еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО

Која е тајната на успехот: Промовирана монографијата „60 години Витаминка“

Денеска во Стопанската комора на Македонија (СКМ) беше промовирана монографијата „60 години Витаминка“, чиј автор е Тачко Локвенец, информираат од Комората.

Монографијата е посветена на успешната приказна за шест децениското постоење на овој национален бренд, како и личниот придонес на Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ АД – Прилеп и неговиот ангажман за растот и развојот на компанијата.

 – Моето 44-годишно работно искуство во „Витаминка“ ме научи дека внимателното, грижливото и домаќинското работење секогаш се исплати. Имало различни моменти во мојата кариера – и лесни и тешки.

Но, секогаш сум имал среќа околу себе да имам одлични соработници, вработени и колеги кои верувале на одлуките на раководството и бескомпромисно се посветувале на обврските, работејќи одговорно.

Сите овие човечки вредности заедно со потенцијалите и искористувањето на технолошките капацитети придонесоа денес „Витаминка“ да биде еден од најуспешните прехранбени производствени капацитети – лидер на македонскиот пазар и во регионот, пошироко.

Со гордост можам да кажам дека „Витаминка“ АД – Прилеп денес претставува вистински репрезент на квалитет и успех, изјави Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ АД – Прилеп.

– Успехот на „Витаминка“ несомнено е врзан за успехот на првиот човек на компанијата како претседател на Одборот на директори, кој сам по себе претставува бренд, ако се следи неговиот деловен развој паралелно со развојот на една од најуспешните македонски компании, лидер во прехранбената индустрија и производител со европски квалитет, истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

При тоа, тој посочи дека, зборувајќи за периодите на развој на „Витаминка“ од страна на Симон Наумоски на денешната промоција на монографијата може да се забележи дека успехот на компанијата се темели на неколку клучни одлуки што ги донел како лидер.

Прво, воспоставил квалитетна кадровска структура, второ, упорноста е значаен сегмент во креирањето и реализирањето на деловната политика и трето, фокусот на развој на компанијата го темели на изнаоѓање нови пазари во светот.

На свечената промоција на монографијата „60 години Витаминка“ присуствуваа голем број познати македонски стопанственици и претставници на бизнис секторот од Македонија, кои со своето присуство го потврдија негувањето одлични деловни односи на „Витаминка“ АД – Прилеп.

Успешната приказна на „Витаминка“ започнува во далечната 1956 година како компанија за производство на мелен црвен пипер.

Во 1974 година, со развивање на нови производи, отворање нови пазари и континуирани инвестиции во производството, компанијата започнува да го гради својот пат кон успехот, прераснувајќи во лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар.

Покрај зацврстувањето на позицијата на домашниот пазар, истовремено, „Витаминка“ АД – Прилеп преку своите продукти станува сѐ поприсутна и на странските пазари, пласирајќи околу 45% од своето годишно производство во повеќе од 30 земји во светот.

Заедно со позитивниот удел во националната економија, од голема важност е и значењето на „Витаминка“ АД – Прилеп во унапредувањето на локалната економија преку големиот број вработени и дополнителниот синџир на соработници.

За „Витаминка“ 

Компанијата „Витаминка“ е основана во 1956 година во Прилеп како компанија за црвен мелен пипер, чие производство било доволно за цели 18 години успешно работење, се` до 1974 година кога е донесена одлука за зголемување на производствениот капацитет.

Од фабрика за производство на мелен црвен пипер, „Витаминка“ со новата бизнис стратегија прераснува во компанија лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар.

Со зацврстувањето на позицијата на домашниот пазар, паралелно и интензивно расте и присуството на продуктите на компанијата на странските пазари.

Денес „Витаминка“ АД – Прилеп претставува компанија зад која стојат голем број познати и изградени брендови.

Широката палета на производи со околу 350 типови на пакувања, вклучува производство на различни вкусови (слатки, солени, кисели и лути) во форми на ужина, чоколади, десерти и бонбони, голем избор на пудинзи, пастеризирани производи, кечап, мајонез и различни сосови, вкусни супи и други додатоци за храна, како и бројни инстант производи, сирупи и филтер чаеви.

Од неодамна семејството „Витаминка“ доби нов член – маслото за јадење „Брилијант“.

Највпечатливи и најпознати брендови на „Витаминка“ се популарните „Стоби Флипс“ – идеална ужина за сите генерации во секоја пригода и во секој дел од денот, инстант витаминскиот пијалак „Цевитана“ и „Атлантис“ – чоколадните морски школки со уникатен и квалитетен вкус.

Фото: СКМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Промоција на монографијата „Гого Попов – Звукот на тишината“

Редакција

Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните, порача претседателот на МАНУ

Редакција

Знаeте ли што пишува во Крушевскиот манифест?

Редакција