еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Користењето енергија од отпад создава можности за развој и намалување на емисиите на јагленрод диоксид

Создавање на систем за одржливо управување со отпад ќе донесе низа придобивки во општеството, како што е крерање на нови работни места и создавање енергија од отпад преку алтернативни горива што е од исклучително значење во актуелната енергетска криза.

Покрај тоа, преку организиран систем за управување со отпад се создаваат можности за рециклирање и почиста животна средина. Во земјата има огромен потенцијал за развој во овој правец, за што е неопходно подобрување на состојбите со отпадот во земјава и креирање на нови можности, согласно достапните и веќе применети практики од областа.

Ова се главните заклучоци од работилницата во организација на Македонската асоцијација за цврст отпад – МАСВА, што денес се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија на тема – „Одржливо управување со отпад“.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини се обрати пред присутните на работилницата и истакна: „Задоволство ми е да се обратам на овој собир на бизнис заедницата која делува во полето на заштитата на животнатa средина и управувањето со отпадот.

Ако сакаме да се справиме со предизвикот за ефикасно управување со отпад, што всушност е целта на оваа работилница и на многу други слични настани кои се организирани во регионот, мора итно да дадеме одговори нa клучните теми од оваа област.

Владата на РС Македонија е целосно посветена на обезбедување активен придонесес кон исполнување на глобално поставените цели за одржливост, преку поставување стратешки цели и дејствување на национално ниво. Се надевам дека оваа работилница ќе придонесе за зајакнување на секторот за управување со отпад во С Македонија, отпочнување мерки за подобрување на состојбата и охрабрување на сите засегнати страни“.

Еден од нашите главните приоритети е унапредување на третманот на отпадот во земјава. При носење на решенија поврзани со оваа исклучително значајна област имаме предвид два аспекта, а тоа се создавање одржлив систем кој ќе понуди соодветни решенија за унапредување на животната средина и искористување на можностите за поголем економски развој што ги нуди овој сектор.

Оттука, продолжуваме да носиме конретни решенија кои ќе ги унапредат состојбите во овој сектор во насока на креирање на одржлив развој.

Работилницата „Одржливо управување со отпад“ беше поделена на два панела. Првиот панел беше посветен на темата „Воспоставување на депозит систем за отпад од пакување“.

Претседателот на МАСВА м-р. Михаил Матески, кој го модерираше овој настан истакна: „Постојат веќе добро разработени модели на депозитни системи кои овозможуваат преку 90% степен на собирање отпад од пакување и најчиста суровина за рециклажа и искористување за повторно производство на пакување, додека граганите имаат финансиска мотивација да ги вракаат искористените пакувања.

Истовремено се чува од загадување животната средина и се намалува потрошувачката на енергенти во процесот на производство на нови пакувања. Мораме да направиме напори за воспоставување ваков систем кој ќе овозможи овие придобивки да станат правило, а не исклучок, како што е сега“.

Покрај Матески, во рамките на овој панел зборуваше и м-р Ана Мазневска Каранфилова, раководител на секторот за отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, која ја презентираше законската рамка, а се осврна и на состојбите во земјава и главните предизвици од аспект на регулативата и нејзината примена.

Дел од панелот беше и д-р. Филип Ивановски, директор на Пакомак, кој го сподели досегашното искуство на оваа компанија, успешните примери на селектирање со повратни вендинг машини, како и плановите за додатен развој на ваков систем на собирање отпад од пакување.

Осврт на темата даде и Доинита Михаи, заменик претседател за односи со јавност на ЕЕС ТОМРА од Норвешка, претставувајки ги трендовите во управување со отпадот од пакување во ЕУ, каде повеќето држави имаат воведено депозитен систем или се во процес на воведување, како мерка за постигнување на националните цели за рециклажа и спроведување на циркуларна економија.

„Енергија од отпад“ беше темата на вториот панел, тема која е исклучително актуелна во услови на енергетска криза. „Користењето на алтернативни горива добиени од преработки на отпад е веќе широко применета пракса во земјите од Европската Унија.

Овој модел обезбедува трајно решение на проблемот со отпадот и економичен енергенс кој придонесува за поголема декарбонизација односно намалувње на емисиите на јагленрод диоксид. Затоа треба да работиме на овој потенцијал кои отвора многу нови можности“, истакна Наташа Бакреска, менаџер за животна средина и алтернативни горива во УСЈЕ, модератор на овој панел во рамките на работилницата.

За искуствата и придобивките од користење на одредени алтернативни горива во земјава зборуваше Андри Хафинетс, извршен директор на Гентерм.

Магдалена Михајлоска, експерт за комуникации во агенцијата од односи со јавност Имиџ ПР, истакна дека за поголем прогрес и воспоставување на одржливи системи кои ќе овозможат искористување на енергија од отпад  неопходна е континуирана едукација и информирање на јавноста, но и нејзино активно вклучување во процесот, за да може да се создаде одржлив систем кој ќе креира бенефити за заедницата во целина.

Според анализите во Европската унија, системот за управување со отпад и создавање на енергија од отпад во следните пет години ќе креира околу 500.000 нови работни места. Покрај тоа, ќе се постигне и намалување на емисиите на CO2, што е една од целите на Парискиот договор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кривични пријави за загадувањето на Дебарско Езеро

Редакција

(Фото) Ако го загадуваш Водно, се загадуваш себе си

Редакција

ДИЖС: Усје ги имплементираше сите препораки, контролните мерења од независни лаборатории на 8 точки покажаа дека нема надминување на емисиите

Редакција