Премиерот Димитар Ковачевски денеска даде коментар на обвинувањата, кои стигнуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за аферата во областа на соларниот бизнис, која според тврдењата на опозицијата е тешка 26 милиони евра, потенцирајќи дека тоа е очаен обид на партијата да го сврти вниманието од обидите за местење на тендерот со пречистителната станица во Скопје, вреден 136 милиони евра.
Тој очекува извинување од партијата за, како што посочи, овие лажни конструкции.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ објави нови детали за аферата „Броило“
Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со аферата „Броило“, нагласи дека тој транспарентно пријавил во неговиот анкетен лист се што поседува, додавајќи дека неговата комплетна биографија е достапна и во Собранието, во моментот кога бил избран за заменик-министер за финансии, а потоа и за претседател на Владата, како и на социјалните медиуми.
-Се што сум работел во животот досега било најтранспарентно со оглед на тоа што вие како медиуми можете секаде во целиот медиумски простор да најдете како функционирале сите компании во коишто јас сум бил или директор или извршен директор или основач или коосновач, истакна Ковачевски и додаде дека со преземањето на политичката функција како заменик-министер за финансии, ги повлекол неговите финансиски средства од „Пиксел груп“, компанијата, во која бил основач и за која вели дека е многу горд.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Која е Пиксел груп, која се спомнува во аферата „Броило“, која ја обелодени ВМРО-ДПМНЕ
Која е компанијата КМГ ЕОЛ Квазар од аферата „Броило“ на ВМРО-ДПМНЕ
-Што се однесува и со продавањето на уделите јас таму немам ниту какви било интереси, ниту какви било обврски во однос на управувањето или работењето на таа компанија. Она за што обвинува ВМРО-ДПМНЕ се е поставено во некакви прашални форми и се однесува на работењето на компаниите кога јас сум бил таму и кога сум излегол. Сето тоа е транспарентно, изјави премиерот.
Вели она што може лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во моментов да го стори е да се извини и, како што рече, да „не ги тера, пратениците, како тој вчера да изнесуваат невистини, квалификации, конструкции, со оглед на тоа дека јас прво од нив ќе побарам извинување, а потоа се она што следува врз основа на законските регулативи во државата“.
На прашањето дали ќе поднесе тужба за клевета против Мицкоски, Ковачевски одговори дека тој веќе две недели бил изложен на константни напади од страна на ВМРО-ДПМНЕ со лажни конструкции против него.
-Во однос на првото обвинување се обратив во Собранието каде што точно можеа да чујат сите граѓани, а во однос на ова сметам дека треба да се извинат затоа зашто јас 22 години сум работел во приватниот сектор на најтранспарентен и на најзаконит начин.
Не може да се прават конструкции од тоа како функционираат компании коишто се независни во своето работење или коишто функционираат врз основа на закони, додаде Ковачевски, не прецизирајќи дали ќе тужи и нагласувајќи дека тоа е работа на адвокатите.
Обвинувањата ги изнесе пратеникот и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
-Соларниот картел составен од Димитар Ковачевски и кумот Горан Паунов е создаден и почнува да врти милиони со доаѓањето на СДС на власт. Аферата “Броило“ ни покажува како мала група длабоко вгнездена во највисоките структури на власта тргувала со влијание за стекнување на сопствена корист, изјави Лефков.
Според опозицијата, Ковачевски и неговиот кум Горанчо Паунов, ја основале фирмата „Пиксел груп“ на 3.11.2017 година, пет месеци откако СДСМ состави Влада. Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за афера тешка над 26 милиони евра со областа на соларниот бизнис и дека Ковачевски и Паунов изградиле соларен картел за лично богатење.
Со реакција за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе и компанијата „Пиксел Груп“ , која смета дека нападите се злоупотреба во дневни полички препукувања.
-Најостро го осудуваме секој обид за дискредитација и нашата групација да се доведе во корелација со каква било политичка структура. Бараме да не се користи името и на „Пиксел груп” и на „КМГ ЕОЛ Квазар” за политички маркетинг, велат од компанијата.
Од таму додаваат и дека уште пред назначувањето на Ковачевски за заменик министер за финансии објавиле дека тој истапува од сопственичката структура на „Пиксел груп“, бидејќи тоа е неспоиво со неговиот политички ангажман.
МИА/Фото: Влада