еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Видео) Ковачевски се сретна со Ердоган во Истанбул: Македонија и Турција продолжуваат со одлична билатерална и економска соработка

Премиерот Димитар Ковачевски денеска на средбата во Истанбул со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган заеднички ги констатирале традиционално добрите и пријателски релации помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, информираат од Владата.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата со шефот на турската држава, на која присуствуваа и министерите за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски, премиерот Ковачевски го изразил задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.

Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка.

-Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од осмото место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде шестото место на листата најзначајни трговски партнери на С.Македонија, се наведува во соопштението.

На средбата, се додава, било потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции.

Премиерот Ковачевски му се заблагодарил на Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на Македонија во НАТО, која, се наведува, од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.

Македонија и Турција, потенцирале во меѓусебниот разговор Ковачевски и Ердоган, ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на Армијата на Македонија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби.

Премиерот Ковачевски му упатил покана на претседателот Ердоган да ја посети нашата земја, како продолжение на сите други посети на високо ниво и за охрабрување на бројните проекти што се преземени за дополнително унапредување на односите меѓу Македонија и Турција, стои во соопштението од прес-службата на Владата.

Фото/видео: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Becutan kids vits на Алкалоид ја освојува и далечната Монголија

Редакција

(Видео+Галерија) Владата буквално падна, ама во новата серија Black Ops: Погледнете го трејлерот и неговата промоција

Редакција

Ставрески за „Фокус“: Не планирам враќање во високата политика, сакам да помогнам со своето знаење

Редакција