еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ковачевски во ООН: Соочени сме сите пред најтешката зима, да обезбедиме храна и енергија за граѓаните

Неопходно е заедништво за да се обезбеди трајна слобода и мир во светот, порача премиерот Димитар Ковачевски, обраќајќи се пред присутните на генералната дебата на 77. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

– Силата е во заедништвото. Оваа лекција дека здружено можеме повеќе отколку сами, денес светот ја учи во неочекуваните околности со коишто сме соочени во 21-от век: прво пандемијата, а сега и суровата војна во Украина. Неопходно е заедништво на демократскиот свет, сега и понатаму, во надминувањето на последиците од светски размери, со коишто се соочуваат државите во Европа и пошироко во светот, истакна Ковачевски.

Во обраќањето пред светските лидери, тој се осврна и на војната на Русија во Украина, нарушеното снабдување со храна на светот, борбата со тероризмот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катстрафи предизвикани од нив.

Осврнувајќи се на воените дејствија на Русија во Украина, тој рече дека два момента се исклучително загрижувачки и го бараат целото наше внимание.

-Едниот е фактот дека агресијата доаѓа од постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, како што е Руската Федерација. Тоа што низ насилство одлучува да решава предизвик – држава членка на организација којашто во својата основа го има одржувањето на мирот во светот, е спротивно на сите заложби на цивилизираниот свет, да се застане на патот на сите форми на дејствување чиишто последици се човечки животи и загрозување на светскиот мир, додаде Ковачевски.

Проблемите, како што истакна, се повеќедимензионални и заеднички. Тоа се предизвиците пред коишто сме соочени сите, во најтешката зима пред нас по втората светска војна: да обезбедиме достапност до храна и енергија за нашите граѓани.

-Неизвесноста околу снабдувањето со храна и со енергија ќе ги продлабочи разликите на глобално ниво меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ и ќе доведе милиони луѓе на работ на основна егзистенција, дури и во опасност од глад.

Ефектите ќе ги почувствуваме сите – и економски повеќе развиените и помалку развиените држави.

Мора да се извлечат искуствата од пандемијата – дека меѓународната солидарност не е добро да се води од тоа дали е потребна меѓу развиени или помалку развиени држави, ако сакаме да спречиме отворање нов предизвик од растечко граѓанско незадоволство на глобален план, додаде Ковачевски.

Тој додаде дека случувањата во и околу Украина, во втор план ги ставија бројните други конфликти во светот, но фокусот кон нив мора да се држи изострен.

-Тероризмот, во сите свои форми, останува глобална закана на целото човештво. Бројните хибридни закани предизвикуваат загриженост и неспокој. Лажните вести и можноста што ја даваат социјалните мрежи, преку интернет комуникацијата за нивно масовно ширење, е предизвик за целиот демократски свет.

Неодамнешните катастрофални поплави во Пакистан се само последна, видлива последица во низата екстремни природни непогоди ширум светот, настанати како резултат на климатските промени.

Конфликтите, нестабилноста, насилството, климатски промени доведуваат до ширење тешка сиромаштија за милиони луѓе кои предизвикуваат раселување на населението, што добива и размери на егзодус. Емигрантските бранови од претходните години од Сирија и Авганистан не стивнуваат. Сега се соочуваме и со милиони бегалци од Украина, додаде Ковачевски.

Ковачевски исто така истакна дека глобалните предизвици бараат глобален одговор.

-Ниту една држава не може сама да се справи со проблемите на 21-от век. Сега, повеќе од кога било, е време да покажеме дека мултилатерализмот функционира во време на кризи.

Во тој контекст, извештајот насловен „Нашата заедничка агенда” на генералниот секретар Гутереш, треба да биде водич во глобалните реформи за управување, за да може мултилатералниот централен систем на ОН да се адаптира на иднината и да придонесе кон заедничките заложби, рече Ковачевски.

Тој потенцираше дека од исклучителна важност е земјата да има забрзаната интеграција во ЕУ..

-Граѓаните на С Македонија заслужуваат најголем кредит, бидејќи предолго го чекаа овој момент, и јас разбирам зошто можеби се чувствуваат фрустрирано и уморно одејќи по тој долг пат кон Европа.

Но, ние немаме друга алтернатива која ќе ни овозможи подобар животен стандард, а и никој не рече дека сето ова ќе биде лесно. Напротив, и покрај сите потешкотии, ЕУ е сѐ уште најдобрата опција за нашата иднина, за иднината на нашите деца.

Ние, едноставно ја немаме ниту можноста, ниту привилегијата да се откажеме сега. Дотолку повеќе, сега е вистинското време да продолжиме со полна пареа, уште побрзо напред, рече Ковачевски.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Заев по состаноците на раководството на СДСМ: Останувам да помогнам да се стабилизира мнозинството и ако може да се зголеми

Редакција

Лавров и Блинкен на едно место: Во Скопје денеска почнува Самитот на ОБСЕ

Редакција

„Пуцко петрол“ го доби тендерот на прилепскиот затвор за набавка на масло за греење вреден 50.000 евра

Редакција