Премиерот Димитар Ковачевски и владина делегација, денеска во Софија остварија средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
На средбата изразиле надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции после изборите, како и новиот состав на Владата во Скопје претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји, информираат од Владата.
Премиерот Ковачевски изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.
Ќе се залагаме за дијалог, рекол Ковачевски, со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија.
-Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија, истакнал премиерот.
Во разговорот било истакнато дека средбите на високо и највисоко ниво испраќаат силна и јасна порака до јавноста и во таа насока премиерот Ковачевски и претседателот Радев се согласиле дека свој придонес во таа насока се очекува и од сите идни средби на највисоко политичко ниво, информираат од Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема да има кадровски смени во бугарскиот тим од заедничката историска комисија, најави Петков
Фото: Влада