еМагазин
Image default
Бизнис

Кредитите од ЕИБ за мали и средни претпријатија со камата до 3,5 проценти

На македонските мали и средни компании од денеска им е достапна поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) што ќе се пласира преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки.

Се очекува до крајот на месецот да бидат потпишани договорите со деловните банки, а од средината на следниот месец да почне и аплицирањето од компаниите за добивање кредити.

Кредитите ќе се доделуваат во транши од по пет милиони евра, а компаниите ќе можат да учествуваат со проекти во вредност од шест илјади евра до три милиони евра.

Кредитната линија ќе биде достапна во наредните две години, односно до повлекувањето на сите транши. Се очекува да биде понудена по пониски каматни стапки, односно со каматна стапка од околу 3,5 отсто и ќе има рок за враќање од 12 години со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.

Кредитната линија ќе може да се користи за инвестиции, набавка на опрема, градежни материјали, машини, транспортни средства, финансирање на обртни средства…

Заменик-директорот на ЕИБ, Ендрју МекДауел, истакна дека со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ и најави дека имаат намера во иднина да се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина.

– Како што се забрзува процесот на интеграција  со ЕУ присутноста на ЕИБ ќе се зголемува… Нашата поддршка во изминатите години придонела да се создадат околу 6.000 нови работи места во вашата земја во речиси 2.000 мали и средни компании, рече Мекдауел.

Досега вкупната поддршка од ЕИБ за земјава изнесува 450 милиони евра.

МИА/фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колку изнесува највисоката бруто плата во февруари

Редакција

Кои се првите 20 компании кои ќе тргуваат: Почнува со работа Македонската берза за електрична енергија

Редакција

Трим Ќемали именуван за член на Надзорниот одбор на ТТК Банка

Редакција