Опозициската СДСМ денеска поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност против премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Истата следи откако Мицкоски пред неколку дена изјави дека има чувство дека функционери на поранешната влада на СДСМ ќе станат предмет на прогон, а денеска рече дека тоа чувство му е се посилно, а СДСМ, тоа го протолкува како политички прогон врз опозицијата.
Кривичната во Основното јавно обвинителство (ОЈО) ја поднесе генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ.
-Христијан Мицкоски повеќе не се крие, тој е обвинител, судија кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата. Од позиција на премиер Мицкоски јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија.
Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста, рече тој меѓу друго, посочувајќи дека ваквите изјави претставуваат целосно уривање на правниот и на уставниот поредок и дека за тоа мора да понесе одговорност.
-Затоа СДСМ поднесува кривична пријава против Христијан Мицкоски за злоупотреба на службена должност и овластувања член 353 став 1 од Кривичниот законик, повреда на рамноправноста на граѓаните член 137 став 1 и 2 од КЗ и за загрозување на сигурноста, член 143 став 1 од КЗ.
Бараме Јавното обвинителство веднаш да постапи по кривичната пријава, да го повика Мицкоски на распит и да се спречи натамошно загрозување на правниот поредок. Нека докаже ЈО дека никој не е над законите и дека може независно да постапува, а не само по нарачки.
СДСМ нема да се повлече пред заканите. Мицкоски нарачува процеси мислејќи дека со тоа ќе не заплаши, рече тој.














