Кривична за Блерим Беџети, поранешниот градоначалник на Сарај

Министерството за внатрешни работи поднесе нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети (49).

Од таму информираат дека единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднело кривична против З.Д. (61) од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против Беџети, поради основано сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

-З.Д. во својство на овластено службено лице, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, овозможил на правен субјект од с. Крушопек – Сарај, поточно подружница во рамки на предметниот субјект, лоцирана во с. Глумово во периодот од 01.02.2022 до 03.06.2022 да се стекне со  противправна имотна корист во износ од 3.224.064 денари (без ДДВ).

Тој, по дадено овластување од страна на  градоначалник на Град Скопје да потпишува акти во 2021 година, му овозможил на правниот субјект да се стекне со право, односно решение за утврдување на режим на сообраќај, а врз основа на тоа и овластување за вршење на технички преглед на правниот субјект, иако бил свесен дека надлежноста за издавање на ваков тип на решение е во надлежност на општина Сарај, а не на Град Скопје, со што постапил спротивно на чл.20 од Законот за локална самоуправа.

Потоа Б.Б., во својство на овластено службено лице градоначалник на Општина Сарај, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување овозможил на истиот правен субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 42.851.205 денари.

Тој во период од октомври 2022 година до март 2023 година во два наврати донел решение за утврдување на режимот на сообраќај и решение за измена и дополнување на решението за изменување и дополнување на решението за утврдување на режимот на сообраќај врз основа на поднесени барања од барателот (предметниот правен субјект), без претходно да изврши должен надзор во доставените прилози и да констатира дека истите не се во согласност со Урбанистичкиот план за село Глумово, со што постапил спротивно на чл.50 ст.1 т.4 и т.11 од Законот за локална самоуправа, во врска со чл.20 од Законот за урбанистичко планирање и чл.47 од Законот за градење, велат од таму.

Беџети: Кривичната е политички притисок

За кривичната на социјалните мрежи се огласи Беџети, и истата ја оцени како политички притисок, а не правна постапка, а меѓу друго напиша дека кривичните пријави се најавуваат од политиката, а потоа се реализираат од институциите, што според него отвора сериозни дилеми за функционирањето на државата.

-Но, нека им биде јасно: јас не запирам. Не се уценувам. Не се повлекувам. Ова се обиди да се замолчи политичкиот глас кој не прифаќа да се потчини, вели тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Каков имот пријавил Беџети, поранешниот градоначалник на Сарај кој заработи кривична за злоупотреба на службената должност

Кривични за екс градоначалникот на Сарај, Беџети и седум лица за злоупотреба на службената положба

Фото: Фејсбук/Беџети

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести