Мермерен комбинат со пад на добивка поради намалените нарачки од Кина и воениот конфликт на Блискиот Исток

Мермерен комбинат АД Прилеп во првите шест месеци од годинава остварил приходи од продажба од 500.924 илјади денари, што претставува намалување за 37% споредено со истиот период од минатата година, соопшти Друштвото преку Македонската берза.

-Намалувањето на обемот на продажба е директна последица на неповолните геополитички и глобални макроекономски случувања кои значително ги нарушија клучните пазари на кои настапува компанијата.

Најголемиот дел од намалувањето на приходите на странските пазари произлегува од значително намалените нарачки од страна на купувачите од Кина, поради застојот во градежниот сектор во Кина и
намалена инвестициска активност.

Воениот конфликт во Заливот дополнително го оптовари кинеското стопанство преку скокот на цените на енергенсите што доведе до одложување на финансирањето на поголемите инфраструктурни и комерцијални проекти за развој.

Падот на приходите од продажба на производите од фабриката е директно поврзан со недостатокот на големи, активни градежни проекти во регионот и на меѓународните пазари. Во услови на намалени барања за финални плочи и специфични димензии за проекти, фабриката оствари минимален пласман во овој период, велат од таму.

Остварената оперативна добивка за периодот е 203.500 илјади денари, што споредено со остварената оперативна добивка за истиот период во 2025 година (346.397 илјади денари) претставува намалување за 41%.

-EBITDA за периодот од 1 јануари до 30. јуни 2026 година изнесува 267.148 илјади денари, а наспроти остварениот износ од 413.706 илјади денари во истиот период од минатата година покажува намалување за 36%.

Крајниот резултат по оданочување е позитивен и изнесува 183.390 илјади денари и претставува намалување од 41% споредено со остварената добивка за истиот период од минатата година (30. јуни 2025: 310.665 илјади денари).

Оперативните расходи за периодот се пониски за 3% во однос на остварените во истиот период од минатата година.

Од оперативните трошоци најголем дел отпаѓа на трошоците за вработени, кои во периодот покажуваат зголемување од 5% споредено со истиот период минатата година. Зголемување од 8% е евидентирано кај трошоците за енергија, суровини и материјали, кои се втор најголем трошок за Друштвото, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како работел Мермерен комбинат лани

Дивиденда од 1,60 евра по акција ќе дели Мермерен комбинат

Јасна Ажиевска реизбрана за член на ОД на Мермерен комбинат Прилеп

Фото: Мермерен комбинат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести