еМагазин
Локално

МВР oдзелa 24 технички неисправни возила за три недели откако стапи на сила новата регулатива

Согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој стапи во сила на 26 декември минатата година, полициските службеници имаат овластување да одземаат возила кои се технички неисправни или учествуваат во сообраќајот, а важноста на сообраќајната дозвола им е истечена повеќе од шест месеци, односни се нерегистрирани, информира МВР.

Од стапувањето во сила на оваа одредба, до денеска, од МВР, појаснуваaт дека се одземени 24 возила (СВР Скопје- едно, СВР Тетово-осум, СВР Струмица-10, СВР Штип-пет).

Согласно член 344 од ЗБСП, полицискиот службеник ќе го исклучи од сообраќај возилото кое не е регистрирано, за кое не е продолжен рокот на важноста на сообраќајната дозвола, за кое е утврдена техничка неисправност или кое нема пропишани регистарски таблици.

„Полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена.

Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена.

Полицискиот службеник кој го исклучил возилото од сообраќај на возачот на самото место, привремено ќе му ја одземе сообраќајната дозвола или регистарските таблици“, информира МВР.

Во соопштениеето се посочува дека Министерството за внатрешни работи, чиј полициски службеник привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици согласно со одредбите на овој член, е должно на возачот да му ги врати дозволата или регистарските таблици штом престанат причините поради кои истите му се одземени.

Во рок од 72 часа од моментот на одземањето, сообраќајната дозвола или регистарските таблици се доставуваат во местото каде што возилото се води во евиденција.

„Полицискиот службеник кој привремено ја одзел сообраќајната дозвола или регистарските таблици, е должен на возачот за тоа да му издаде потврда, која содржи назив и седиште на органот што ја издал сообраќајната дозвола, име и презиме на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото и негова адреса, име и презиме на возачот и неговата адреса, причина за одземањето, вид и регистарски број на возилото, датумот, времето, патот и местото на одземањето, начинот и времето на враќање на сообраќајната дозвола и печат и потпис на полицискиот службеник.

Ако возачот не ги преземе одземената сообраќајна дозвола или регистарските таблици во рок од три дена од денот на нивното одземање, а сообраќајната дозвола и регистарските таблици не се водат во евиденцијата во местото на одземањето, истите ќе му се достават во местото каде што се води возилото во евиденција“, се наведува во соопштението на МВР.

Фото: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Повторно бесплатен превоз за пензионери, средношколците и студентите од државните универзитети

Редакција

Приведен жител на Здуње: При претрес откриена марихуана во неговиот дом

Редакција

Утре посебен режим на сообраќај во Скопје, поради одржување на трката „Водно 10К“

Редакција