Со презентација на материјални докази на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во Кривичниот суд, денеска продолжи судењето за предметот „Траекторија” во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Обвинителката Лиле Стефанова читаше стенограми од собраниската Комисија за транспорт и врски.
Во еден од нив, тогашниот пратеник Јани Макрадули на пратениците им посочува дека сумата за изградба на автопатиштата е многу висока во однос на исти такви патишта кои се граделе во соседните земји.
На ова реагирале Јанакиески и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои истакнале дека банкарската камата на соседите била 2,5 проценти, додека, пак, за нас таа изнесувала 2 отсто.
Пратениците од тогашното мнозинство реплицирале и во однос на сумите за изградбата на патиштата, при што посочиле на различната конфигурација на теренот како оправдување на „високата цена“.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.
МИА