Судењето за постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, „Траекторија“ продолжува на 13 ноември.
Случајот го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.
На денешното рочиште беше сослушано вешто лице, кое што одговараше на прашања на одбраната за неговото вештачење изработено 2016 година за автопатот Кичево-Охрид, на барање на обвинителството.
Најголемиот дел оа прашањата поставени од обвинетиот Миле Јанакиевски беа за начинот и податоците користени за изработка на вештачењето за споредба на предлог цените понудени од компанијата „Синохидро“ за автопатот Кичево-Охрид од ноември 2013 година и цените од компанијата „Актор“ за делницата Демир Капија-Смоквица од март 2012 година.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.
МИА