еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Народна банка: Основната каматна стапка останува 1,25%

Mонетарната политика е соодветна на макроекономските услови. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и понатаму постојат, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Оттаму денеска информираа дека Народната банка внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.

Основната камата и натаму ќе изнесува 1,25 проценти, а на денешната аукција, како што информираше Народната банка, ќе биде понуден непроменет износ од 10 милијарди денари благајнички записи со што се задржува приспособливиот карактер на монетарната политика на севкупните макроекономски и финансиски услови и се придонесува за натамошна поддршка на кредитните текови во економијата.

На седницата на Комитетот, одржана вчера, е оценето дека нагорните придвижувања на инфлацијата во земјава се должат на глобалните фактори на страната на понудата, кои, според меѓународните финансиски институции, се очекува дека ќе се стабилизираат во текот на следната година.

– Врз основа на тековната динамика на закрепнување на домашната економија, не се согледуваат притисоци од побарувачката врз ценовниот раст, на што упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, е поумерена од очекуваната.

Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната. Оттука, засега не се увидува потреба од монетарна реакција, но и натаму има потреба од будно следење, велат од Народната банка.

Во однос на последните макроекономски показатели од домашната економија, централната банка оценува дека растот на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал од годинава упатува на тоа дека домашната економија закрепнува.

Податоците за четвртиот квартал засега се недоволни за согледување на состојбите во целина, но податоците за октомври покажуваат натамошен поумерен реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, но и натамошно неповолни движења кај индустриското производство на годишна основа.

Годишниот раст на цените кој изнесува 3,1 процент во периодот јануари – ноември е во рамки на очекувањата од октомвриската проекција.

Позначителен придонес кон растот се забележува од категориите на домашните цени коишто се поврзани со  движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со преносниот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемичната криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки.

– Годишниот раст на инфлацијата за ноември е малку над очекувањата, но периодот на оцена е кус, додека неизвесноста околу движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и понатаму постои, што упатува на потреба од будно следење, истакнуваат од централната банка.

Движењата на монетарниот сектор, се оценуваат, како солидни. Девизните резерви се на соодветно ниво и во сигурна зона. Заклучно со ноември, растот на девизните резерви од почетокот на годината е во согласност со есенските проекции.

Трговскиот дефицит во октомври е помал од очекуваниот за последниот квартал од годината, додека последните расположливи податоци за менувачкото работење се главно во рамки на очекуваните нето-приливи кај приватните трансфери за четвртиот квартал од 2021 година, според октомвриската проекција.

– Во ноември продолжи и нагорниот тренд во обемот на тргување на девизниот пазар, што соодветствува со надворешното економско окружување на домашната економија.

Побарувачката за девизи беше задоволена од банките, чијашто девизна ликвидност и натаму е на стабилно ниво, за што придонесоа и интервенциите на Народната банка за продажба на девизи, се наведува во соопштението од Народната банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вања ја нема шест дена, полицијата приведе пет лица за нејзиното исчезнување

Редакција

МНР за твитот на Украинската амбасада: Учеството во која било странска војска е кривично дело

Редакција

Убава вест: Оздравени се 587 пациенти заболени од Ковид-19

Редакција