Македонската издавачка куќа и компанија за лиценцирање музика Филтер Лабел продолжува да го надградува своето интернационално портфолио, информираат од таму.
Последниот пласман на музика од домашниот издавач е во реклама за новиот soundbar на Sony – HT-S2000.
„Иако ова не е најголемата кампања во која е вклучен Филтер Лабел, овој проект е особено значаен за компанијата, затоа што е прв за јапонски клиент и е остварен во соработка со најголемата јапонска маркетинг агенција Dentsu.
Песната „Welcome Goodbye” од проектот Mr.ruiZ беше во конкуренција со стотици предлози испратени од издавачки куќи од целиот свет. Сепак, музичките супервизори се одлучија за синглот на македонскиот издавач поради „неговата извонредна динамичност и несекојдневен спој на модерна продукција со стари фанк и соул влијанија“.
Проектот Mr.ruiZ e група на холандскиот композитор, продуцент и мултиинструменталист Roeland Ruijsch. „Welcome Goodbye” е негов нов, втор по ред сингл за Филтер Лабел и е следбеник на „Fly Blind”, песна која беше објавена во 2019 и која исто така најде место во рекламна кампања – за полската финансиска институција „Bank Millenium”.
Пласманот на „Welcome Goodbye” од Mr.ruiZ во новата реклама на Sony претставува своевидно зацврстување на позицијата на Филтер Лабел, како една од водечките европски компании за лиценцирање музика и партнер од доверба на некои од најголемите светски маркетинг агенции.
Претходно, песни од каталогот на македонскиот издавач се најдоа во реклами и на други светски брендови, меѓу кои и Samsung, McDonald’s, Nestle, Nike, Allegro, Mytheresa. Интересно е што досега само еден македонски бренд, Алкалоид, има употребено песна од каталогот на Филтер Лабел во своја реклама,“ се вели во соопштението.
Погледнете ја новата реклама на Sony со музика од Mr.ruiZ:
Песната „Welcome Goodbye” може да се слушне на сите музички сервиси на интернет преку следниов линк: filterlabel.streamlink.to.