Нови три медицински сестри од новоотворениот Оддел за инфективни болести при Струмичката болница се позитивни на Ковид-19 и со тоа вкупниот број на заразени здравствени работници се искачи на осум, од кои двајца се лекари, информира директорот Наќе Гогов.
-И покрај тоа што ангажиравме персонал од други одделенија, сепак се чувствува потреба од дополнителен персонал, бидејќи бројката на новозаразени и на тие кои се лекуваат во болницата од ден на ден расте.
Барам од Министерството за здравство да ни дозволи прием на сестри со договор, а исто така очекуваме да биде прифатено и нашето барање за распоредување на лекари и сестри од други болници во државата во нашата, изјави директорот Гогов.
Додаде дека од понеделник треба да биде проширен капацитот на новиот оддел за инфективни болести за уште шест кревети, кои треба да бидат поставени во поранешната ортопедска амбуланта.
-Капацитетот во Инфективното одделение е исполнет, а засега имаме само две слободни места во новиот оддел. Се надевам дека до понеделеник ќе успееме да ги прошириме капацитети со новите шест за да можеме да ги згрижиме пациентите на кои им треба болничко лекување, додаде директорот Гогов.
Инаку, досега на подрачјето кое го покрива Центарот за јавно здравје во Струмица, се регистрирани 503 лица со Ковид-19, а во моментов активни се 303 случаи на различна возраст.
Од почетокот на епидемијата во Струмичко од компликации од коронавирусот починаа 16 лица.
МИА/Фото: МЗ