Од денеска стартува Дигиталниот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), кој е во ранг на најсовремените системи што се користат од страна на земјите членки на ЕУ, и со негова примена, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во Европската Унија.
Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително се поедноставува работата на сите учесници во царинската и надворешно-трговската постапка во ефикасна и модерна царинска околина.
Царинските постапки кои досега се реализираа на хартија ќе бидат заменети со електронски постапки.
За економските оператори, пак, ова значи намалување на времето на поднесување декларации, поедноставување на процесите и значително намалување на трошоците.
Сите процеси се автоматизирани со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејствија и корупција.
До новиот систем, економските оператори можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа кој е достапен без надомест.
За непречено поднесување на царинските декларации во новиот систем, од Царинската управа апелираат до сите економски оператори навремено да проверат дали ги исполнуваат основните услови, односно да поседуваат електронски потпис (сертификат), да имаат одобрен пристап до СОЦДАД, а доколку поднесуваат декларации како застапници, потребно е во СОЦДАД да побарале и добиле Одобрение за застапување.
Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД.
Сите одобренија поврзани со царински постапки, како што е наведено во соопштението од Царинската управа, мора претходно да бидат обезбедени во СОЦДАД.