еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Новогодишен концерт и нова монографија за свеченото заокружување на јубилејната година на „Танец“

Денеска, со почеток во 20 часот во Македонскиот народен театар, свечено, со голем новогодишен концерт, Ансамблот Танец ќе ја затвори јубилејната 70-та година од своето постоење.

После серијата коцертни чествувања низ градовите низ земјава и меѓународните претставувања во Франција, Шведска и Австралија, „Танец“ вечерва заедно со своите гости од Србија, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло“, ќе ја исполни сцената на МНТ со бесценетите антологиски кореографии на „Тешкото“, Невестинското“, „Драчевка“, потоа уникатното „Старобосанско немо коло“, српските игри од Стара Планина, од Западна Србија и Босилеградскиот крај, како и повеќе оркестарски ора и песни, меѓу кои и познатото „Касапско оро“, популарните „Не стој Доне, Донке“, „Ој, Мораво“ и многу други.

На сцената ќе бидат над 120 учесници, а капацитетот на Македонскиот народен театар беше мал за да ги покрие со билети сите љубители на врвниот музичко-сценски фолклор. Картите за овој настан беа распродандени за само неколку денови.

Своевиден куриозитет на концертот е премиерната изведба на новата кореографијата со наслов „Радовишки собор“ на нашиот истакнат играорец и кореограф Јовица Блажевски, претставник на последната генереција кореографи на Танец“ кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите постановки „Посеље“, „Кумановка“,„ Малешевка“ и „Пијанец“, кои последниве години ја одушевуваат публиката дома и надвор од земјава.

Блажевски подолг период го истражуваше радовишкиот регион и од собраните материјали на теренот одбра новата кореографска творба да ја темели врз изворните радовишки соборски ора „Кукурику петле“, „Ситната“, „Трченица“, „Тоска“ и „Маца вода лие“, како и ороводната песна „Покрај, накрај Кате“. Во негов стил, карактеристичен и за претходните постановки, тој главно се базира врз изворните чекори на споментите ора, со вешти кореографски адаптации во духот на македонската играорна традиција.

Музичката обработка на споменатите традиционални ора му е доверена на познатиот македонски хармоникаш, композитор и аранжер Дарко Илиевски, воедно и долгогодишен знаменит член на оркестарот на „Танец“.

„Танец“ во оваа важна година го издаде и своето најново ДВД издание на кое се наоѓа спектакуларниот јубилеен концерт на ансамблот кој се одржа во МОБ во јуни годинава, и кој ќе остане запаметен по сектакуларните изведби во модерниот амбиент постигнат со најновите технологии на 3Д мапирање.

Посебна вредност за одбележување на 70-годишнината на „Танец“ има и најновата двојазична монографија, чие претставување пред  јавноста ќе му претходи на вечерашниот концерт.

Промоцијата е закажана во фоајето на Македонскиот народен театар, во 19 часот. Книгата „Остани во чекор“ е посветена на десет антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“, а автор е познатиот македонски етномузиколог Кирил Тодевски.

Преводот на англиски го направи Марија Џонс, а издавач е Арс Ламина. Публикацијата содржи комплетни нотографии сите десет корепграфски постановки направени од Марко Коловски, а изобилува и со богат фотографски материјал од архивата на ансамблот.

Нејзиниот луксузен изглед го даваат прекрасните фотографии, кои специјално за книгата и приликата ги направи познатата фотографка Маја Аргакијева.

После промоцијата следи централниот настан, двочасовниот заеднички концерт на „Танец“ и „Коло“, после кој е закажан свечен коктел за учесниците, каде ководството на „Танец“, на своите вработени од ансамблот ќе им врачи јубилејни плакети за особен придонес во институцијата, кои специјално за пригодата ги изработи и ги донираше Завар Дизајн.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 161 случаи на Ковид-19 од 771 тестирања, најмногу во Скопје

Редакција

Од безбедносни причини Пендаровски одложи интервју

Редакција

(Видео) Компанија на Илон Маск вгради мозочен чип кај човек

Редакција