еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

„Огнената група“ од ДУИ се за Ахмети, ама бараат смена на Османи и Груби

Членови на ДУИ, кои се дел од т.н. „Огнена група“, денеска повторно упатија забелешки по однос на, според нив, неефикасното исполнување на партиската изборната програма 2020-24 година и побараа од раководството на партијата „да ги повика на одговорност министрите од нивните редови во Владата, како и кадрите од пониските ешалони во власта“.

Иако сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар, тие сепак ја поддржуваат ориентацијата на Владата и не го оспоруваат лидерството на претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

На прес-конференцијата во присуство на истакнати партиски членови и дел од Централното претседателство на ДУИ, меѓу кои и Невзат Бејта, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Башким Хасани, Ејуп Адеми, Камил Ковачи, Аднан Ејуп, како и советници во Градот Скопје, се обрати потпретседателот на партијата и пратеник во Парламентот, Изет Меџити.

– По наше барање пред три месеци почна институционалното функционирање на партиските органи, а во Претседателството беше остварена дискусија за отчет и политичка одговорност пред органите.

За жал и покрај нашето инсистирање и по две одржани седници, работата на Претседателството беше прекината. Нашите забелешки за нереализираните избори ветувања за 2020-2024 година не беа разгледани. Затоа решивме да се обратиме до членството, гласачите и јавноста за состојбата што се создава во ДУИ, истакна Меџити.

Според него, донесувањето одлуки во ДУИ станало „ексклузивна привилегија на еден клан близок“ на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

– Ние го креваме гласот против постапките на Груби, кои се во спротивност со ставовите на мнозинството членови на ДУИ. Ова доведе до пад на поддршката на ДУИ и внатрепартиска поделба, рече Меџити, додавајќи дека целта им била да го мобилизираат членството на ДУИ.

Во контекст на нивните забелешки, тој предочи дека од 19 изборни ветувања, само две се целосно реализирани – „албански вицепремиер и албански преговарач за ЕУ и НАТО“, а делумно се исполнети пет.

Тоа, според Меџити, значи дека ДУИ целосно реализирала само 1,2 проценти од ветувањата, 2,9 отсто се делумно реализирани, 95,9 проценти не се реализирани.

Во однос на инфраструктурните проекти, како што нагласи, за две години од 520 милиони евра само 11 милиони евра се вложени за „пет албански проекти, меѓу нив и патот Кичево – Дебар“.

Во прилог на нивните забелешки тој ги посочи и резултатите од последната анкета на ИРИ според која, како што тврди, вицепремиерот Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи „имаат најслаби резултати“ и „за првпат рејтингот на албанската опозиција го надминува оној на ДУИ“.

Меџити истакна дека тоа е аларм да се обедини партијата и да се направат кадровски промени во клучните институции, посочувајќи дека т.н. „Огнена група“ нема дилема околу поддршката на стратешките определби на државата за членство во НАТО и интеграција во ЕУ, ниту во однос на лидерството на Али Ахмети, како и дека не е за предвремени парламентарни избори.

– Ја поддржуваме ориентацијата на Владата. Ова е принципиелна политичка војна внатре во партијата. Ќе ги искористиме сите демократски средства кои ни се на располагање и ќе излеземе победници. Oва ќе се рефлектира на поширокото ниво. Нема ништо лошо во ова.

Цел владин состав потфрлува и треба да се сменат и да отстапат простор за нов свеж кадар, кој ќе се справи со предизвиците, рече Меџити, најавувајќи дека нивни следен чекор ќе биде „да се симнат во базата“ и врз основа на тоа ќе донесат заклучоци за наредните потези. 

МИА/Фото: ДУИ/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Влада: Се подготвува веб-платформа за решенијата за изолација, податоците ќе бидат заштитени

Редакција

Заврши протестот пред Собранието, продолжува утре напладне

Редакција

Народна банка склучи договор со “Телелинк бизнис сервис“ вреден 455,2 илјади евра

Редакција