еМагазин
Image default
Техно

OneID – прва македонска услуга за електронска идентификација: Ново поглавје во дигитализација

Денес, КИБС во партнерство со Некстсенс, ја лансираше првата македонска услуга за електронска идентификација – OneID, изработена и сертифицирана согласно европските стандарди и европската регулатива еIDAS и согласно македонскиот Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, информираат од таму.

-Со OneID во земјата се отвора ново поглавје во дигитализацијата на процесите за широка палета на услуги за граѓаните и правните лица.

Услугата за Електронска идентификација – OneID станува дел од официјалните квалификувани шеми за електронска идентификација на Министерството за информатичко општество и администрација, со што се создадени услови за нејзина масовна примена, велат од компанијата.

Што е OneID

OneID е услуга за електронска идентификација на граѓаните на далечина при користење на онлајн услуги од правни лица, изработена согласно одредбите од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Услугата овозможува онлајн идентификација на корисници преку мобилен уред со високо ниво на доверливост. OneID обезбедува потврден електронски идентитет со точни лични податоци добиени од Централниот регистар на население на Република Северна Македонија

Услугата е развиена од две реномирани домашни куќи на полето на дигиталната трансформација во државава и надвор од неа, КИБС АД Скопје и Nextsense ДОО Скопје.

Со објавувањето на OneID во регистарот на шеми за електронска идентификација, сите финансиски институции, телеком оператори и државни институции во Република Северна Македонија ќе имаат можност да ја интегрираат оваа услуга во своите дигитални процеси со цел  да обезбедат електронска идентификација за своите клиенти.

Нов квалитет на дигиталното услужување: Придобивки од OneID

OneID обезбедува целосен пресврт во услужувањето на граѓаните од страна на давателите на електронски услуги, институциите и организациите коишто ќе ја имплементираат оваа нова македонска услуга.

Користејќи OneID, организациите значајно ќе го подигнат нивото на дигитално услужување. Идентификацијата на корисниците ќе се одвива целосно дигитално, без потреба од физичко присуство. OneID го скратува времето за проверка на личната карта или друг документ за лична идентификација. Идентификацијата се одвива брзо и безбедно, целосно дигитално, во согласност со важечките закони.

Придобивките за граѓаните се огромни од користењето на OneID како дигитална лична карта со што сите услуги и трансaкции им се достапни 24 часа преку нивниот мобилен уред. Услугата OneID граѓаните можат да ја користат секаде каде што од нив се бара да го докажат својот идентитет. Со неа добиваат пристап до најразлични услуги коишто се строго регулирани, како на пример услуги од банки, осигурителни компании, брокерски друштва за хартии од вредност, телеком оператори, државни услуги давани онлајн и друго.

Дополнително, услугата овозможува засилена автентикација при корисничка најава на интегрираните портали и дигитално потпишување документи. ОneID овозможува брзо и лесно креирање на правно валидни документи како договори, изјави, барања, согласности од корисниците, потпишани со валиден дигитален потпис креиран со квалификуван сертификат во облакот на КИБС.

„Денес е голем ден за македонската дигитална сцена. КИБС и Некстсенс, во партнерска соработка, ја обезбедија првата македонска услуга за дигитална идентификација. Значаен е фактот што една ваква комплексна услуга е дело на домашни стручни лица лоцирани во двете компании.

Услугата нè позиционира во мал број на држави коишто не се членки на Европската унија, а имаат на располагање услуга од овој вид. Услугата е сертифицирана согласно европски стандарди и станува дел од официјалните квалификувани шеми за електронска идентификација.

Основата е поставена, сега следи полесниот дел – имплементација кај заинтересираните правни лица коишто нудат онлајн услуги. Очекуваме овој процес да тече релативно брзо, затоа што бенефитот е огромен и за организациите и за граѓаните. Неколкукратно побрзо време на услужување, целосно онлајн. OneID за граѓаните функционира како лична карта што може да се користи онлајн.

Ќе добијат една дигитална идентификација којашто може да ја користат секаде, без да меморираат различни лозинки, а сепак на безбеден начин да ја добијат услугата. Нивниот идентитет ќе биде утврден со помош на OneID, преку нивниот мобилен телефон. Во многу скоро време чекањето на шалтери за голем дел од граѓаните ќе стане минато. Нема да има потреба од чекање за да се достави барање или да се добие услуга. Со OneID, граѓаните ќе можат во секое време, онлајн да иницираат барања,“ вели Горан Анастасовски, генерален директор на КИБС.

OneID гарантира највисоко ниво на безбедност на личните податоци

„Новото поглавје во дигиталното услужување е отворено. Денес, заедно со КИБС ја лансираме првата македонска дигитална идентификација – OneID, сертифицирана и усогласена со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Со OneID покажуваме висок степен на подготвеност на македонското општество за дигитализација, согласно највисоките европски стандарди.

Услугата е потврдена од европско тело за серификација и ги помина сите ригорозни процедури на ревизија, со што добивме потврда за квалитетот, безбедноста и доверливоста. OneID содржи дополнителни механизми за идентификација и заштита на податоците, со што се гарантира највисоко ниво на безбедност на услугата.

Целосно е регулирано и заштитено правото на пристап до информациите. Единствено граѓанинот лично дава одобрување за секој поединечен трансфер на неговите лични податоци преку сопствениот мобилен телефон до мобилните и веб апликации на организациите чиишто услуги ги користи и кадешто е потребно да се идентификува,“ изјави Васко Кроневски, главен извршен директор на Некстсенс.

OneID, освен што ги исполнува строгите одредби од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, исто така ги исполнува и одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Обезбедувањето дигитална идентификација е целосно усогласено со Законот за заштита на лични податоци (односно GDPR) и стандардите ISO 27001 и ISO 20000.

Повеќе информации за услугата се достапни на oneid.mk.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

CES 2020: Samsung го прогласи почетокот на Еre искуствата

Редакција

A1 Xplore Music и Deezer лансираат нова ко-брендирана платформа за музика и подкасти

Редакција

Само 20% од населението со пристап до интернет направило нарачка онлајн

Редакција