еМагазин
Image default
Бизнис

Осигуреници за девет месеци наплатија 47 милиони евра, исплатени над 55.000 штети

Осигурителните компании за неживот во првите девет месеци исплатија над 55.000 штети, што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година, велат од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најголем раст на исплатите од 90 отсто има кај приватното здравствено осигурување, а кај осигурувањето имот вредноста на исплатените штети е 7,6 милиони евра или 22,6 отсто повеќе од лани.

„Осигуреници наплатија 2,89 милијарди денари (47 милиони евра) штети од осигурителните компании за неживотно осигурување во првите девет месеци годинава.

Вкупниот износ на исплатените штети за овој период е за 422 милиони денари (6,9 милиони евра) или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани.

Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети, што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци на АСО.

Од штети на осигурен имот (најголема доброволна осигурителна класа) за овој период осигурениците наплатиле вкупно 469,6 милиони денари (7,6 милиони евра). Тоа е 22,6 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Оваа осигурителна класа во овој период има поголем релативен (процентуален) раст на исплати во споредба со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност,“ велат од АСО.

Горенаведените индикатори се уште една потврда за финансиското здравје на осигурителните компании, а неговото одржување е основната и најважната задача на АСО.

Физички лица од штети на осигурен имот во овој период наплатиле 198,4 милиони денари (3,23 милиони евра), што е за 11 отсто повеќе од лани. Правните лица, пред се компании, за штети на имотот од осигурителите наплатиле 271,2 милиони денари (4,4 милиони евра) или 33 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.

Кај најбрзорастечката класа – приватното здравствено осигурување, компаниите за осигурување исплатиле 90 отсто повеќе средства во споредба со првите девет месеци лани. Осигурениците од нивните полиси за приватно здравствено осигурување наплатиле 143,6 милиони денари (2,33 милиони евра).

За осигурување од незгода (најбројна осигурителна класа со над половина милион склучени договори) до крај на септември осигуреници од пријавените штети наплатиле 333,2 милиони денари (5,4 милиони евра), односно 18 отсто повеќе пари од лани.

Од штети врз каско осигурани моторни возила во овој период осигурениците наплатиле 366,2 милиони денари (5,95 милиони евра), што е на исто ниво како и претходната година.

Кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност компаниите на осигуреници исплатиле 1,26 милијарди денари (20,54 милиони евра) заклучно со крајот на септември годинава.

Тоа е за 19 отсто повеќе односно 203 милиони денари (3,3 милиони евра) повеќе од истиот период лани.

По основ на штети покриени со зелен картон осигурителните компании за првите девет месеци исплатиле 215 милиони денари (3,5 милиони евра), што е за 2 отсто помалку од истиот период лани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Наместо 170 милиони евра, граѓаните за „Викенд без ДДВ“ според нецелосни пресметки потршиле 8,5 милиони евра

Редакција

Макпетрол со добивка во првите девет месеци

Редакција

Министерството за култура вработува 12 лица, плата до 31.304 денари

Редакција