еМагазин
Image default
Бизнис

Осигурениците во првите три месеци вложиле над 40 милиони евра, осигурителниот пазар порасна за 10%

Осигурувањето имот останува најголема доброволна осигурителна класа од сите неживотни осигурувања. Приватното здравствено осигурување за прв пат досега е втора по обем класа доброволно осигурување. Најголем раст на вложувањата, од дури 180% има кај осигурувањето кредити. Продажбата на патничкото осигурување, по укинување на анти – ковид рестрикциите порасна 80%, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Вложувањата во неживотно осигурување достигнаа 2,5 милијарди денари (40,5 милиони евра) во првите три месеци годинава. Осигурителниот пазар за неживотно осигурување порасна за 10 отсто (3,5 милилиони евра) во првиот квартал годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на АСО.

Во првите три месеци годинава се склучени речиси 307.000 договори за неживотно осигурување и тоа е за 11 отсто повеќе од истиот период лани.

Во осигурување имот за овој период осигуреници вложиле 555,6 милиони денари (9 милиони евра) и тоа е за 5 отсто помалку во однос на истиот период 2021 година. И покрај малиот пад осигурувањето имот останува најголемата т.е. најпродавана класа на доброволно осигурување.

Приватното здравствено осигурување и во пост-ковид периодот продолжува да биде најпопуларно осигурување според растот на вложувањата. За првите три месеци годинава десет осигурителните компании за неживотно осигурување склучиле речиси 8.000 договори за приватно здравствено осигурување. Осигурениците во овој период во ова осигурување вложиле 225 милиони денари (3,7 милиони евра), што е за 81 отсто повеќе од истиот период лани.

Најекспанзивен раст на вложувања има во класата осигурување кредити. Официјалните податоци покажуваат дека осигуреници вложиле 121.000 евра за три месеци и тоа е за 180 отсто повеќе од вложувањата во овој производ истиот период лани. Ова осигурување на пазарот го продаваат пет осигурителни компании, а за три месеци се склучени речиси 1.000 договори за осигурување.

Значаен раст, со укинување на анти-ковид мерките, има и кај патничкото осигурување. Во однос на лани продажбата на патничко осигурување во првите три месеци годинава порасна за 80 отсто. Во ова осигурување се вложени 30,3 милиони денари (500.000 евра).

Осигурувањето од автомобилска одговорност останува најголема класа. За првите три месеци склучени се речиси 176.000 договори за осигурување од кои над 32.000 се зелени карти за патување во странство. Вредноста на полисите за автомобилска одговорност, продадени во првите три месеци, надмина една милијарда денари (17 милиони евра) и бележи раст од 5 отсто во однос на лани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Извозот во првите седум месеци зголемен за 19,4, а увозот за 26,9%

Редакција

Кои се најуспешните претприемачи за 2019

Редакција

(Фото) Шел го проширува присуството во Македонија, отвори нова бензинска станица во Кавадарци

Редакција