еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Јотова, Петков и Генчовска во Битола: Поддршка за Бугарите во Македонија за тие да бидат впишани во Уставот

Бугарската заедница во Северна Македонија е мостот меѓу двете држави, изјави денеска во Битола бугарскиот премиер Кирил Петков, кој присуствуваше на отворањето на клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михајлов“.

– Тука сме за да покажеме дека ова прашање не е меѓупартиско, туку национално. Треба да се обединиме, но не само во Бугарија, туку заедно со Бугарите во Северна Македонија. Тие всушност се мостот меѓу двете земји и ние тој мост треба да го искористиме за да ги заштитиме нивните права, тоа воопшто не е спорно.

Истовремено, мора да ни биде јасно дека и за бугарското малцинство во Северна Македонија и за бугарскиот интерес е важно, Северна Македонија еден ден да биде дел од Европската унија, рече Петков на новинарско прашање на отворањето на клубот.

Петков, кој е придружуван од потретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, прашан дали постои документ што е доставен од македонска страна, вели дека се прават напори да се постигне заедничка позиција и во Бугарија и со Северна Македонија.

– Во моментов се трудиме да постигнеме една заедничка позиција, не само во Бугарија, туку заедно со Северна Македонија и таа општа позиција да биде јасна.

Ние ги усогласивме рамките кои ги имаме, имаме и коалициски договор и преговарачка рамка и се тоа треба да го почитуваме. Истовремено, она што не обединува е јасното разбирање дека за сите нас е важна европска иднина на Северна Македонија, рече бугарскиот премиер Петков.

Министерката за надворешни работи Генчовска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека со бугарскиот премиер имаат иста позиција по прашањето за Северна Македонија.

Во однос на нејзината вчерашна изјава дека во Бугарија има две позиции по прашањето за Северна Македонија, Генчовска, појасни дека има позиција на тимот на надворешно-политичките советници на премиерот, додека со премиерот Петков имаат иста позиција.

– Со премиерот имаме иста позиција. Значи, тој треба да ја усогласи неговата позиција со позицијата на надворешно-политичкиот тим, изјави Генчовска.

Прашана дали Бугарија во моментот води две надворешни политики кон Северна Македонија, Генчовска повтори „имаме една политика“.

– Министерството за надворешни работи ја води официјалната политика на Бугарија во однос на Северна Македонија, согласно рамковната позиција поддржана во Народното собрание, изјави Генчовска.

Прашана дали се согласува со изјавата на потпретседателката дека „патот на Северна Македонија нема да помине преку надворешен притисок“, Генчовска рече дека „нема како да помине“ и дека силно се надева оти „сојузниците ќе покажат разбирање за прашањата кои се уште треба да се решат заеднички со колегите од Северна Македонија“.

– Сметам на поддршка, а не на притсиок од сојузниците, изјави Генчовска.

За тоа дали е можно тргање на ветото до средина на годината, Генчовска, рече дека „така нареченото тргање на ветото, е всушност очекување колегите од Република Северна Македонија да ги исполнат обврските кои треба да ги направат согласно Договорот“.

– Исклучително важно е тие да покажат дека можат да направат конкретни резултати. Од тука, па натаму, ние чекаме конкретни дејствија. Конкретни резултати, тоа се нашите очекувања, изјави Генчовска.

Во однос на нејзината денешна посета на Битола, Генчовска, рече дека се надева дека таа нема да биде последна и дека нејзина цел е да ги увери Бугарите во Северна Македонија дека ќе направи се што е можно тие да бидат впишани во Уставот на земјава.

Јотова од своја страна истакна дека во Битола дошле за да ги поддржат Бугарите во Република Северна Македонија и да го отворат новиот клуб. Таа истакна дека позицијата на Бугарија е непроменета во однос на почетокот на преговорите.

Прашана за разногласијата во бугарската надворешна политика, Јотова рече дека смета оти премиерот ќе преземе мерки советничкиот тим да не прави втора надворешна политика, бидејќи, според неа, тоа би било многу опасно оти Бугарија никој од европските партнери нема да ја сфаќа сериозно.

– Тоа е најтешкиот консензус што го имаме во земјата во однос на членството на Република Северна Македонија. Од тука натаму има два пата – ќе започнат европските процедури, Бугарија треба да најде доволно сериозни инструменти што ќе ги побара од Европската комисија, така што во целиот процес, не зборувам само за почетокот на преговори, дури и во процесот пред преговорите, да имаме доволно гаранции за нашите услови да бидат испочитувани.

Најважно е да има сериозни дејствија, категорични ангажмани и исполнување на тие ангажмани од страна на властите во Република Северна Македонија, оцени Јотова.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

УНИЦЕФ алармира за последиците од продолжениот прекин на наставата: Пропуштеното мора да се надомести

Редакција

(Фото) Во Прилеп повредени околу 20 работници при судар на два автобуси

Редакција

По барање на Народниот правобранител повлечени списоците со лични податоци на граѓани корисници на финансиска поддршка

Редакција