Вкупниот берзански промет по сите основи во првите три месеци (Q1) од 2021 година изнесува околу 43 милиони евра, што претставува намалување од 36% наспроти истиот период лани кога вкупниот промет изнесуваше 68 милиони евра, соопшти Македонската берза.
„Основна причина за ваквото намалување е екстремно високиот промет со акции во март минатата година поради големата ценовна осцилаторност што настана лани како последица од избувнување на пандемијата.
Консеквентно, прометот со акции во БЕСТ системот во првиот квартал оваа година изнесува околу 21 милиони евра и е за 49% помал во однос на истиот период 2020 година.
Ваков тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции којшто во првиот квартал од 2021 година изнесува 91, додека просечниот дневен промет во Q1 од 2021 година изнесува околу 493 илјади евра.
Од друга страна, подеталната aнализа на прометите со акции од редовно тргување во БЕСТ системот оствaрени во првите квартали во последните пет години покажува дека прометот во Q1 оваа година, со исклучок на ланскиот прв квартал, е втор најдобар резултат во последните 5 години.
Исто така, за одбележување е многу високо зголемување на прометот остварен од тргување со обврзници, кој бележи пораст од 995% YoY. Ова, пред се, се должи на новата емисија на обврзници на денационализација во вкупна номинална вредност од 11,5 милиони евра, после едногодишната пауза.
Од аспект на структурата на прометот во Q1, околу 68% од прометот е остварен од тргување со котираните компании, околу 31,6% е остарен преку блок трансакции, додека многу мал процент (0,22%) е реализиран од тргување со некотирани компании“, информираат од берзата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ