еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Патувачкото кино на МакеДокс во Штип, следуваат Кочани и с.Оризари

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава го смени својот формат и се одржува во текот на четири викенди во месеците јуни, јули и септември. Во првата половина од годинашните патешествија се одржаа проекции во Кратово, с. Шлегово и две во градот под Исарот – Штип.

– Морам да кажам дека чувството на екипата на Патувачкото кино по првите два викенди е одлично! Се чувствуваме како да сме се вратиле во нормала. Проекциите беа полни, публиката задоволна, а ние уште повеќе. Со нас на проекцијата во Штип имавме присутна филмска екипа од прикажаниот документарен филм „Сите ќе умреме“ во режија на Сашко Потер Мицевски.

Покрај него, присутни беа и продуцентот Илија Тирицовски, монтажерката Сандра Ѓоргиева и главниот лик на филмот, Зоран Сичев. Се создаде одлична атмосферa и уште еднаш ни се потврди важноста на дисперзирањето на културата низ целата држава.

Се надеваме дека овој викенд во Кочани и последниот во септември во Виница ќе поминат исто толку добро колку и првите два, истакна Сара Ферро од екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“.

Иако негови филмови веќе биле прикажувани како дел од филмската програма на фестивалот и на Патувачкото кино, авторот, документарист и режисер, Сашко Потер Мицевски, првпат присуствуваше на вечерна филмска сесија под отворено небо со „МакеДокс“ во родниот Штип.

– Беше исклучително задоволство да се биде присутен на Патувачкото кино на „МакеДокс“ како автор на краткометражен филм што активно се прикажува на истото. Документарниот филм „Сите ќе умреме“ е снимен во Штип, со урбан штипски лик и беше многу возбудливо да биде презентиран пред штипската јавност, која со многу возбуда го пречека тимот на „МакеДокс“.

Зоки, главниот протагонист на филмот, и дел од авторската екипа беа присутни на проекцијата, каде што публиката имаше можност да чуе збор-два за филмот.

Најтешко е кога дело се презентира пред свои луѓе, тие се најголем репер за твојот личен успех и најголем мотив за пробивање на границите.

Штип мене лично ми беше инспирација за два документарни филмови и ќе остане долго присутен во моите идни дела. Тој нуди магични ликови, надреални приказни и уникатен хумор, што и тоа како му недостига на македонскиот филм, изјави Потер Мицевски.

Следна дестинации на 12. Патувачко кино на „МакеДокс“ се оризовите полиња во Кочанско, односно градот Кочани (9 јули) и с. Оризари (10 јули).

Проекциите ќе почнуваат во 21 часот и ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.

Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Планинарски клуб „Љуботен“ отвори Инфо центар: Сите информации за Шар Планина поврзани со планинарство и туризам-собрани на едно место

Силвана Жежова

Експериментална работилница за дизајн на производи на Skopje Design Week 2018

Редакција

НЛБ Банка со две промотивни кампањи од денеска

Редакција