еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

„Писма до пријателите“ и „Античка драма“ нови изданија на ТРИ

Во издание на Издавачкиот центар ТРИ деновиве излегоа од печат книгите две важни изданија кои се занимаваат со литературата од античкиот/класичниот период – „Писма до пријателите“, книга која нуди избор од римската епистоларна книжевност и „Античка драма“ авторско дело на проф. Весна Томовска и проф. Даниела Тошева, која дава целосен приказ за појавата и развојот на различните драмски видови во хеленската и римската книжевност.

Книгата „Античка драма“ претставува сеопфатен научен труд кој ги контекстуализира драмските појави во нивниот автентичен историски, културен и лингвистички простор, и ја опишува посебноста и нужноста на различните авторски и генерички особености во процесот на менување на драмските видови.

Античката драма претставува сложена културна појава дефинирана со својот автентичен и реализиран идентитет во конкретна временска и просторна рамка.

Таа претставува задолжителна почетна етапа во развојот на европската театарска уметност и драмска книжевност и обединува неколку драмски вида: трагедија, комедија и сатирска драма, еден лирски облик: дитирамб и препознатлив презентациски модел: театар.

Од друга страна, античката драма обединува две култури: хеленската и римската и книжевна продукција на два јазици: старогрчкиот и латинскиот. И хеленските и римските драмски објави исполнуваат определена еволутивна задача во севкупниот развој на античката драма со што и се оправдува нивното здружено разгледување.

 „Писма до пријателите“ во себе содржи избор од коресподенцијата на пет славни личности од римската историја – Кикерон, Хоратиј, Овидиј, Сенека и Плиниј Помладиот во кои дознаваме многу детали од нивниот живот и работа, за нивните карактери, за јавниот и политичкиот живот, за местото и улогата што ги имале во бурниот Рим. Исклучително образовани, создавале под влијание на филозофските школи актуелни во периодот и пишувале под влијание на општествено-историските настани испреплетени со нивните лични приказни кои се одвивале во тие најбурни времиња на римската цивилизација. Писмата се кратки состави и есеи, во стих и проза, вистински бисери на епистоларната книжевност,  многу познат книжевен вид во римската традиција.

Изборот на д-р Наталија Поповска потврдува дека односите меѓу луѓето кои се одржуваат преку писма се секогаш интригантни и дека писмата се многу повеќе од обичен текст или порака – тие се сведоштва на субјективно доживеани настани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Охридското Езеро и Кањонот Матка прогласени за споменици на природата

Редакција

(Фото) Мерка за почит: Маркетите „Гранап“ со подни знаци против корона вирусот

Редакција

(Галерија) Заев и Ципрас во Минхен ја добија наградата „Евалд Фон Клајст“

Редакција