„Македонијатурист“ во првите шест месеци од 2020 година од својата основна дејност- хотелски и ресторански услуги, како и од други споредни дејности оствари негативен финансиски резултат односно нето загуба 12,65 милиони денари, соопшти компанијата преку Македонската берза.
„Финансискиот резултат за овој период е намален во однос на истиот период во минатата 2019 година, кога друштвото оствари позитивен финасиски резултат.
Негативниот финасиски резултат од работењето друштвото го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во државата, поради пандемијата на вирусот Ковид-19, како и согласно одлуката на Владата за привремено затворање на сите угостителски објекти кон која се приклучи и „Македонијатурист” АД Скопје што како последица се одрази во голема мера во работењето на хотелско угостителската дејност, поради откажување на сите аранжмани, затворање на границите и аеродромите уште во почетокот на месец март во 2020 година.
„Македонијатурист“ АД Скопје како општествено одговрна компанија се вклучи во борбата против ширењето на вирусот Ковид-19 со тоа што дел од нејзините сметувачки капацитети без надомест се искористија за сместување на лица спроведени во државен карантин организиран од Владата на РМ.
И покрај остварениот негативен финансиски резултат во привите шест месеци од годината, финансиски показатели како што се степенот на финансиска сигурност, степенот на самофинансирање и општата ликвидност на друштвото се на доста високо ниво“, информираат од компанијата.
Оттаму додаваат дека имајќи ги во предвид напред изнесените податоци, а со оглед на тоа дека глобалната здравствена пандемија се уште трае и се одразува и на севкупното намалено работење на економиите во светот, при што ваквата состојба се очекува да продолжи и во следниот период, друштвото се соочува со неизвесност во однос на условите за работа со својата дејност.
„Сето ова може да предизвика понатамошно намалување на финансискиот резултат на друштвото, односно искажување на загуба во идните периоди од деловната 2020 година“, информираат од компанијата.