еМагазин
Image default
Бизнис

Поставен камен-темелникот на фабриката во која ќе се произведува електричниот автомобил e.GO

Со потпишување Договор помеѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и германската компанија Некст е.го мобиле и со поставување камен темелник во ТИРЗ Тетово, денеска е означен почетокот на новата инвестиција која предвидува, за прв пат целосно производство на електрични автомобили e.GO.

Станува збор за фабрика која е предиведено да се гради на 60 илјади метри квадратни, во која треба да има скоро 900 работни места и инвестиција од 130 милиони евра.

„Она што особено ме радува е дека за прв пат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во С Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа,“ рече премиерот Димитар Ковачевски.

Тој напомена дека ваквите инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни.

-Електричниот автомобил „е.Go“ кој ќе се произведува овде во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови.

Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации. Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на „е.Go“, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар, рече Ковачевски.

Според премиерот, ваквите инвестиции се доказ дека како Влада успешно ги користат сите потребни механизми кои ги даваат очекуваните резултати овозможувајќи услови за понатамошен побрз и одржлив економски раст и развој.

„Во технолошко индустриските развојни зони, во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра.

Вкупниот број на вработени во јули порасна и достигна над 15.000 вработени, што е за 6 отсто повеќе споредено со јули минатата година, односно за 14,5 отсто повеќе во однос на јули 2020 година,“ додаде Ковачевски.

Според премиерот, пандемијата покажа дека во Европа може да се произведуваат многу повеќе неопходни добра и да се обезбеди заштеда на трошоците кои инаку ги имаме за транспорт и логистика од далечните земји, особено од истокот.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот рече дека само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра.

Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата e.GO во своето обраќање рече дека овој договор е уште една клучна цел во стратегијата за глобален раст на e.GO

-Ја нагласува внатрешната вредност на нашата иновативна технологија и пристап. Навистина сме возбудени што ќе го прошириме нашиот производствен отпечаток во С Македонија, следејќи го нашиот напредок во Бугарија претходно оваа година.

Нашиот стратешки фокус во Југоисточна Европа се заснова на нашето верување во конкурентниот екосистем на регионот, атрактивна инвестициска клима и пристап до поттикнат и талентиран човечки капитал, истакна Везваеи.

Министерот за финансии Фатмир Бесими порача дека ваквите големи инвестиции имаат ефект на снежна топка.

–Брендовите привлекуваат локално и нови инвестиции, како странски, така и домашни. Тие креираат нова вредност, го јакнат извозот преку промената на неговата структура кон производи со поголема додадена вредност, креираат нови работни места и влијаат кон забрзување на економската активност и економскиот развој.

Нашата определба како Влада е да ги поддржиме и промовираме странските инвеститори кои ќе можат да го обезбедат овој ефект и кои пред сè ќе донесат придобивки за нашите граѓани, домашните фирми и економијата, порача во своето обраќање министерот Бесими.

На настанот се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши, кој говореше за придобивките од инвестицијата која се очекува да донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Горивата поевтинуваат за половина денар, се зголемува цената на мазутот

Редакција

Топ 5 акции со најголем раст на Македонската берза во март

Редакција

Рокот за поднесување ДДВ-04 пријава продолжен до 28 октомври

Редакција