Пожарот кај Ајватовци се уште е активен на еден крак, односно под репетиторите, додека останатите делови се изгаснати, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
– Екипи на скопската БППЗ работат на гаснење на активниот крак и обиколка и проверка на изгаснатите делови од пожарот. Пожарот се гаснеше непрекинато во текот на целата ноќ од страна на скопските пожарникари и доброволци од локалното население предводени од градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна Ангелов.
Додаде дека се очекува да биде целосно изгаснат во следните неколку часа и дека засега нема потреба од интервенција на воздухоплови.
– Голема благодарност до храбрите скопски пожарникари, храбрите доброволци од локалното население кои дадоа голем придонес во гаснењето на овој голем пожар, како и благодарност до храбрите пилоти на полициските хеликоптери и Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), вели Ангелов.
МИА/Фото: ЦУК/ДЗС