еМагазин
Image default
Македонија

Пожарот над Галичник ставен под контрола

Пожарот што попладнево избуван над селото Галичник е ставен под контрола, објави Месната заедница Галичник на Фејсбук.

„Драги галичани, пожарот е под контрола. Според последните информации, нема опасност за имотите и куќите. Денеска интервенираа НП Маврово, Центар за управување со кризи, Противпожарните бригади од Дебар и Гостивар, амбулантно возило Гостивар, хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, локално население и екипи и возила на Коњички клуб Шерпа.

Вечерва во Галичник имаме гости – специјална единица на Армијата, кои се присутни за поддршка доколку состојбите станат критични и се појави потреба од интервенција. Посебна благодарност до нив!“, се наведува во објавата.

Според истиот извор, пожарот над хотел „Неда“ е комплетно угаснат, а екипите интервенираат на делот кај далекуводите и се очекува брза локализација и гасење, при што на Укален се гаснат последните остатоци од пожарот, а утре наутро се најавени летови за гаснење со двата армиски хеликоптера.

„Електричната енергија е сѐ уште во прекин и ќе биде повторно пуштена откако ќе се извршат потребните проверки. Ќе информираме дополнително. Огромна благодарност до сите вклучени во денешната акција!“, се додава во објавата.

Претходно, Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека хеликоптерот на Армијата кој се упати да учествува во гаснењето на шумскиот пожар над селото Галичник, не можел да дејствува заради многу силниот и променлив планински ветер.

„Армискиот хеликотер со опрема за гаснење пожар е во близина на Галичник. Стигнал во најбрзо што можел, но не можел да дејствува, заради многу силниот и променлив планински ветер.

Хеликоптерот е приземјен на најблиско можно место до Галичник и екипажот е подготвен да дејствува, согласно проценките за временските услови и силината на ветрот, а секако и се дури има и дневна светлина за видливост за летање и дејствување со хеликоптер за гаснење шумски пожар“, се наведува во соопштението.

ЦУК информира дека информација за шумски пожар над селото Галичник ја добил денеска околу 13:30 часот. Според ЦУК, пожарот зафатил борова шума на непристапен терен и заради засилениот ветар претставува потенцијална опасност за селото Галичник, но истовремено и за силите ангажирани за негово гаснење.

ЦУК соопшти и дека за случајот се известени и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Локалните едининици за противпожарна заштита (ТППЕ), Министерството за внатрешни работи (МВР), а и другите субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), согласно процедурите за работа на дежурните регионални центри за управување со кризи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Силен ветер го оневозможува учеството на воениот хеликоптер во гаснење на пожарот кај Галичник

(Видео) Шумски пожар беснее над Галичник, Армијата ќе дејствува со хеликотер за заштита на селото

МИА/Фото: Фејсбук/МЗ Галичник

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тлото не мирува: Нова серија земјотреси во реонот на Битола и Лерин

Редакција

(Фото+видео) Пендаровски со сопругата за првпат ја посети Општина Путец

Редакција

Нема да има извештај, ниту гласање за реализација на Договорот, но Бугарија може да се повика на нешто друго, вели Османи

Редакција