Од Министерството за внатрешни работи за МИА информираат дека се приведени вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки.
Во текот на новогодишната ноќ се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.
-На подрачјето на СВР Скопје бележиме намалување на бројот на кривичните дела за разлика од минатата година, односно вкупно четири, и тоа по едно насилство, разбојништво, тешка кражба и нарушување на неповредливоста на домот, пет лица се приведени заради нарушен јавен ред и мир и сомнение за кражба.
Регистрирани се осум нарушувања на јавниот ред и мир, од кои три физички напади, една физичка пресметка и два прекршока со карање, викање и непристојно однесување.
На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се тешка кражба, кражба и неовластено пукање со огнено оружје, од слобода се лишени две лица, од прекршоци регистрирани се четири нарушувања на јавниот ред и мир.
На подрачјето на СВР Битола регистриран е напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, 10 возила се исклучени од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, едно лице е лишено од слобода
Мирна новогодишна ноќ имавме и на подрачјето на СВР Штип, регистриран е нарушен јавен ред и мир од страна на малолетни лица на подрачјето на Свети Николе и еден во угостителски објект во Кочани.
На подрачјето на СВР Куманово регистрирани се три нарушувања на јавниот ред и мир и кривични дела „насилство“ и „залутано зрно“.
На подрачјето на СВР Струмица регистрирани се две кривични дела, и тоа кражба и оштетување на туѓи предмети, и еден прекршок за „лажно пријавување“.
На подрачјето на СВР Тетово констатирани се едно кривично дело насилство и три прекршоци за нарушен јавен ред и мир, а приведени се пет лица. На подрачјето на СВР Велес не се констатирани кривични дела, ниту прекршоци против јавниот ред и мир, информираат од МВР.
МИА