Програмата на ЕВН за поттикнување на волонтерството кај вработените освои две Национални награди за најдобри општествено одговорни практики во Македонија.
ЕВН Волонтира во категоријата односи со вработени ја освои првата награда, а проектот доби признание за најинвентивна практика од сите пријавени за изминатата година.
Вработените во ЕВН Македонија од летото 2017 година, ја почнаа програмата преку која реализираа повеќе од 30 волонтерски акции и посветија над 3.200 часови во унапредувањето на квалитетот на живот во нивните локални заедници. Активностите се реализираа во сите градови и населени места, а во проектот досега се вклучија повеќе од 300 вработени.
Трудот на вработените беше насочен кон реновирање на училишта, градинки и установи за згрижување на посебни категории на граѓани, поправка на оштетена електрична инсталација, уредување на јавни зелени површини, чистење и селекција на отпад, организирање на едукативни работилници за деца, пренос на знаење, готвење и слично.
Уникатноста на ЕВН Волонтира е во тоа што воспоставува системско решавање на волонтерството во компанијата. На вработените им се дава целосна поддршка во процесот – од обмислување до реализација на активностите. Континуирано се работи и на поддигнување на свеста и мотивацијата на вработените за волонтерството преку алатки за интерна комуникација, рече Вјоса Селими портпарол на ЕВН Македонија и координатор на проектот.
Охрабрувачки е тоа што над 80% од вработените за прв пат волонтирале преку оваа програма, а желба за повторно учество изразуваат сите, додаде Селими.
Пограмата има пошироко значење поради тоа што волонтерството во Македонија е во зародиш, и ваквите иницијативи помагаат за интензивирање и афирмирање на волонтерството на ниво на државата. Програмата продолжува понатаму. На настанот по повод една година од почетокот, вработените пријавија нови 66 волонтерски проекти кои веќе се во фаза на реализација.