еМагазин
Image default
Бизнис

Расте битката за минерали во светот, но и борбата меѓу конкуренцијата во рударскиот сектор

На светските берзи енормно расте побарувачката за бакар, кобалт, литиум, силициум и цинк, минерали кои се од суштинско значење за зелената транзиција.

Тоа резултира со зголемен број барања за дозволи за експлоатација на минерали, а со тоа се засилува и конкуренција меѓу магнатите во рударскиот сектор.

Иако со новите методи кои се користат за експлоатација на минерални суровини не е доведено до прашање здравјето на граѓаните, во светски рамки расте бројот на меѓународни арбитражи во рударскиот сектор.

Светските експерти велат дека токму конкурентите интензивно ја користат политичката и правната несигурност во регионите богати со руда, за да предизвикаат несигурност и страв кај населението со лажни информации во врска со експлоатацијата на минерални суровини.

Натпревар на суперсили во Гренланд – Минералното богатство го направи островот геополитичко бојно поле

Суперсили се натпреваруваат на овој остров ако се земат предвид неговите природни ресурси и стратегиската геополитичка локација. Еден од поголемите случаи од минатата година е арбитражната постапка која ја покрена рударската компанија со австралиски капитал „Гренланд Лимитед Минералс“ против Гренланд, односно регионот кој е под јурисдикција на Данска. Инвеститорот во 2010-тата година добива дозвола за експлоатација на минерални суровини во Кванефјелд, кое е второто најголемо наоѓалиште во светот на ретки оксиди и шестото најголемо наоѓалиште на ураниум. Дозволата за експлоатација е издадена од локалните власти во Гренланд.

Во 2015-тата година пак, компанијата поднесува барање за дозвола за ископ до владата на Гренланд. Но, рударството станува значајно прашање на изборите во Гренланд во 2021 година. Новата владина коалиција издава национална забрана за ископување ураниум, која всушност го блокира развојот на рудникот. Па така, компанија нема гаранција дека дозволата за ископ ќе им биде издадена и поради правната несигурност покренува меѓународна арбитража против Гренланд и Данска.

Од „Гренланд Лимитед Минералс“ инвестирале над 130 милиони долари во проектот Кванефјелд и бараат отштета, а проектот поминал низ ригорозна проценка на животната средина. Од Владата на Гренланд пак одговорија дека „со покренувањето арбитража, Гренланд Минералс избра да не ја почитува волјата на народот“.

Случајот со меѓународната тужба на инвеститорот против Гренланд и Данска е само една од вкупно 40-те покренати минатата година од областа на рударството.

Ќе падне ли Македонија на уште еден тест за владеење на правото ?

„Владеење на правото и почитување на законите“- државата уште еднаш е исправена пред овие предизвици, по последните случувања поврзани со Еуромакс ресоурсес.

Македонија се соочува со нова најава за меѓународна арбитража, особено по предупредувањето од рудникот за бакар „Иловица-Штука“ до Владата, од која единствено се бара да се почитуваат законите во земјава и да се заштитат странските инвестиции согласно потпишаните договори.

Неодамна од компанијата истакнаа дека доколку правдата не биде задоволена кај нас, тие ќе покренат спор во меѓународна арбитража.

„Доколку увидиме дека по прашањето на нашата инвестиција повторно се напаѓа владеењето на правото како уставна загарантирана темелна вредност, тогаш ќе бидеме принудени да покренеме соодветна постапка пред Меѓународната арбитража во Вашингтон, САД. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од Буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од една милијарда евра, без пресметани камати“, соопштија од Еуромакс Ресоурсес.

Во пресрет на најавеното ревидирање на Владата на одлуката за спојување на концесиите од компанијата побараа да се почитува владеењето на правото и да се извршат „правосилните Пресуди на Управниот суд: У-6.бр.575/2019 од 31.03.2020 година и У-6.бр.131/2023 година и Решението на Вишиот управен суд УЖ-2.бр.195/2022 од 09.02.2023 година, после кои донесена е и правосилната Пресуда на Управниот суд У-6.бр.131/2023 година за поништување на Одлуката на Владата за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина“.Според компанијата, постапката за спојување на концесиите може да продолжи, за што не постојат правни и фактички пречки.

Што значи изгубена арбитража?

Доколку компанијата бара правда пред меѓународните судови, тоа ќе ја чини државата штета од милиони евра. Искуството досега покажало дека надлежните функционери кои најчесто заради политички поени, раскинуваат Договор, не сносат никаква одговорност затоа што постапиле спротивно на закон. Најдебелиот крај ќе го извлечат граѓаните оти загубените арбитражи секогаш се плаќаат од државниот Буџет. Имајќи ја предвид праксата во изминатите години, Македонија речиси секогаш губи на меѓународните судови.

Во моментов се активни три меѓународни арбитражи од рударскиот сектор

Против Македонија во моментов се активни три меѓународни арбитражи кои се однесуваат на рударски проекти. Постапка е покрената од инвеститорите во одземената концесија за експлоатација на минерална суровина бакар, злато и сребро на локацијата Казандол во Општина Валандово.

Арбитражна постапка покрена и словенечкиот бизнисмен со македонско потекло, Блажо Тасев, за нефер и третман во постапката за продажба на рудникот за олово и цинк ‘Саса’ од Македонска Каменица во 2004 година.

Арбитражна постапка беше покрената и од индиските државјани Гокул Бинани и Маду Бинани, сопственици на компанијата „Индоминерали“, за поведена стечајна постапка и одземена концесија на рудниците за олово и цинк „Злетово и Тораница“, во 2015 година.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Алкалоид ќе исплати за 10,2% поголема дивиденда споредено со лани, 540 денари бруто по акција

Редакција

Mини ремонтот на Блок 2 во РЕК Битола

Редакција

Инвеститорски ден на Берзата: Склучени 207 трансакции и остварен промет од 595 илјади евра во БЕСТ системот 

Редакција